„Мислам дека го има потребното искуство во мигови кога се соочуваме со длабока меѓународна криза, посложена од кога било“, напиша Саркози во во статус објавен преку социјалните мрежи изразувајќи му поддршка на актуелниот претседател Макрон, а во пресрет на вториот круг од претседателските избори во Франција

Поранешниот конзервативен француски претседател Никола Саркози денеска му изрази поддршка на актуелниот француски претседател Емануел Макрон пред вториот круг од претседателските избори.
„Мислам дека го има потребното искуство во мигови кога се соочуваме со длабока меѓународна криза, посложена од кога било“,
напиша Саркози во статус објавен преку социјалните мрежи.
На претседателските избори во Франција, чиј прв круг се одржа во неделата, актуелниот претседател Емануел Макрон освои 27,8 отсто од гласовите, наспроти кандидатката на десницата Марин Ле Пен која ја доби поддршката од 23,1 отсто од гласачите.
Зад нив е Жан-Лук Меланшон, кандидатот на левицата кој освои 22 отсто од гласовите, а кој веднаш по изборите ги повика своите гласачи да не гласаат за Ле Пен која беше противник на Макрон и на изборите во 2017 година.
На тогашните избори Макрон победи со 66,1 спрема 33,9 отсто од гласовите во вториот круг, но анкетите овој пат предвидуваат понеизвесни резултати.
Според една анкета се предвидува многу тесен резултат во вториот круг од претседателските избори, при што Макрон би добил 51, а Ле Пен 49 отсто од гласовите. Друга анкета, пак, предвидува победа на Макрон со 55 отсто од гласовите.