Ова е првата транша, првиот бараж од она што сме подготвени да го направиме, рече британскиот премиер во обраќање пред долниот дом на Парламентот
Велика Британија воведе санкции за пет руски банки и три лица, соопшти премиерот Борис Џонсон.
Во говорот пред пратениците во долниот дом на Парламентот, Џонсон додаде дека ова е само првиот пакет санкции и оти тие ќе бидат проширени доколку ситуацијата ескалира.

Станува збор за банките „Росија“, „ИС Банка“, „Генерал банка“, „Промсвјазбанк“ и „Црноморска банка“, како и за санкции против Генадиј Тимченко, Борис Ротенберг и Игор Ротенберг, кои важат за многу богати Руси блиски до претседателот Владимир Путин.
„Целиот имот што го поседуваат во Обединетото Кралство ќе биде замрзнат, а на засегнатите лица ќе им биде забрането да патуваат овде, а ќе им забраниме и на сите британски поединци и ентитети да имаат каква било работа со нив. Ова е првата транша, првиот бараж од она што сме подготвени да го направиме“,
рече Џонсон.
Кризата во Украина кулминира синоќа откако рускиот претседател го потпиша указот за признавање на независноста на самопрогласените републики Донецк и Луганск, а потоа војската ја испрати во овие територии „за да обезбеди мир“.