На Република Сан Марино и се заканува опасност од банкрот поради економската криза која ја зафати по пандемијата со коронавирус, а поради нејзиниот долг би можела да ја загуби својата 1 300-годишна самостојност, пишува весникот „Ил фато Квотиџиано“.
Сан Марино на почетокот од пандемијата, главно од економски причини, одбивала да воведе карантин, а откако се заразиле 1 200 од вкупно 33 000 жители, властите биле принудени да воведат рестриктивни мерки.
Уште пред пандемијата, банкарскиот систем на оваа држава бил во колапс, откако долговите на земјата се зголемиле на 360 милиони евра. Пандемијата само дополнително ја влошила состојбата на финаниски план, поради што властите на Сан Марино бараат помош од Рим и Банката на Италија.
Сан Марино долги години важеше за даночен рај, за криење пари и прикривање траги на компании, чие богатство сопствениците не можеле да го докажат. Но сега властите велат дека милионите исчезнале, односно банките ги проголтале.
Од 11 банки, шест банкротирале, поради што загубите морала да ги надополни државата, а една банка е национализирана.
Во последните пет години богатството на Републиката е двојно намалено, бруто домашниот производ пред пандемијата бил помал за 28 отсто, а поради ковид-19 и карантинот, се намалил за уште 12 процента.
За да ја ублажи економската криза, пишува весникот, властите на Сан Марино испечатиле државни обврзници „Титано“ во вредност од 500 милиони евра – еден „титано“ вреди едно евро, но тоа не е доволно, бидејќи недостасуваат пари за исплата на пензии и за живот.
Дури се размислува и за воведување ДДВ, што би претставувало преседан во историјата на најмалата држава на светот.
„Ил фато Квотиџиано“ наведува дека доколку не му се помогне на Сан Марино, би можел да „падне“ во раце на кинески или руски капитал, а потоа тие две земји би можеле да го користат за купување гласови во меѓународните институции, како што се ОН, ОБСЕ и слично.
Во Сан Марино живеат околу 10 000 Италијанци, кои имаат двојно државјанство, па тоа е уште една причина што дел од италијанските политичари апелираат да се помогне, бидејќи ако банкротира Сан Марино тоа ќе се смета за трагедија и за Италија.