Сан Марино и претходно имаше ваква понуда за туристи. Штом заврши националната кампања за вакцинација на своите жители, земјата почна да прима странски туристи кои сакале да платат за да се вакцинираат со руската вакцина
Властите во Сан Марино одлучија да го обноват вакцинален туризам нудејќи им на странците трета доза од руската „Спутник лајт“ вакцина против коронавирус, изјави денеска Франко Кавали од локалниот Институт за социјално осигурување.
„Владата донесе одлука да го обнови вакциналниот туризам. Тоа значи дека странците ќе можат да добијат засилувачка доза на ’Спутник лајт‘. Ќе обезбедиме информации како тоа може да се направи во наредните денови“,
истакна Кавали.
Според него, и покрај тоа што „Спутник“ сè уште нема дозвола за употреба во Европската унија, сепак 832 граѓани на Сан Марино, кој има нешто повеќе од 30 000 жители, решиле да примат „Спутник лајт“ како трета доза од вакцина против ковид-19.
Сан Марино и претходно имаше ваква понуда за туристи. Штом заврши националната кампања за вакцинација на своите жители, земјата почна да прима странски туристи кои сакале да платат за да се вакцинираат со руската вакцина. Тогаш, околу 2 000 луѓе од различни земји допатувале за да бидат вакцинирани со „Спутник В“.
Обновувањето на вакциналниот туризам доаѓа откако од 22 декември 2021 година, Сан Марино почна да ја користи „Спутник лајт“ како засилувачка – трета доза вакцина.
Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO