Од Комисијата за заразни болести упатуваат апел до граѓаните да ги почитуваат хигиенските мерки за лична заштита од заразни болести

Самоизолација и здравствен надзор е препораката што Комисијата за заразни болести ја даде за двете лица заболени од мајмунски сипаници.
Од Комисјата велат дека дополнително се следи состојбата на лицата што биле во близок контакт со заболените. Доколку тие лица пројават симптоми, ќе бидат тестирани во Институтот за јавно здравје.
Од Комисијата за заразни болести упатуваат апел до граѓаните да ги почитуваат хигиенските мерки за лична заштита од заразни болести.
„Во случај на евентуална појава на симптоми на мајмунски сипаници, лицата да се јават кај својот матичен лекар“,
велат од Комисијата.
Оттаму додаваат дека до матичните лекари ќе биде дистрибуирана и информација за разработената патека за преглед, тестирање и згрижување на евентуалните пациенти.
Претходно денеска од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) информираа дека двајцата заразени пациенти со мајмунски сипаници се мажи од Скопје на возраст од 44 и 40 години. Двата случаи, како што рекоа од ИЈЗ, не се поврзани.
Директорот на Инфективна, Фадил Цана рече дека еден од двајцата пациенти кај кој се дијагностицирани мајмунски сипаници е хоспитализиран на нивната клиника и е во стабилна состојба. Тој бил примен на Инфективна синоќа околу полноќ откако го добил позитивниот резултат на мајмунски сипаници.
Вториот пациент кај кого е потврдена заразата сè уште не се јавил на Инфективна за преглед и хоспитализација.