Францускиот претседател изрази целосна поддршка на Франција за Украина пред, како што рече, момент што би можел да биде пресвртница во разговорите за завршување на војната. Тој ги пофали напорите на САД за ставање крај на војната, но рече дека ниту еден договор нема да постигне напредок без учество на Европа и Украина во преговорите
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во Париз оствари средба со својот француски колега Емануел Макрон. На средбата, како што објави Зеленски, се разговарало главно за безбедносните гаранции на Украина и можностите за завршување на војната. Во оваа смисла тој посочи дека мирот мора да биде обезбеден, а оти брзото завршување на војната во голема мера е условено од ангажманот на светските лидери.

Тој пред Макрон ги повтори црвените линии на Украина кои ги вклучуваат безбедносните гаранции, одржување на суверенитетот и територијата, како и ставот дека Русија не смее да биде наградена за својата агресија врз Киев.
По неколкучасовниот разговор, францускиот претседател Емануел Макрон изрази целосна поддршка на Франција за Украина пред, како што рече, момент што би можел да биде пресвртница во разговорите за завршување на војната. Тој ги пофали напорите на САД за ставање крај на војната, но рече дека ниту еден договор нема да постигне напредок без учество на Европа и Украина во преговорите.
„Само Украина може да носи одлуки за својата територија. Безбедносните гаранции не смеат да се дискутираат без Украинците и Европејците бидејќи тие ќе бидат засегнати од сè што ќе ја промени безбедноста на Европа“,
порача Макрон.
Францускиот претседател ја искористи приликата да ја искритикува Москва дека ја продолжува агресијата и не дава знаци дека сака да ја заврши војната. Во оваа смисла, Макрон изрази очекување дека во наредните недели притисокот врз руската економија и капацитетот на Русија за финансирање на воените напори драстично да се променат.
