Тој вели дека според начинот на кој се појавил Груби – елегантно, мирно, смирено, со очила, со насмевка – очигледно е дека има договор

Со доаѓањето на Артан Груби се случи урнисување на правниот систем на државата, вели претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче.
Филипче, во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на телевизија Сител, посочи дека начинот на кој беше спроведено приведувањето е очигледно дека има договор.
Тој вели дека според начинот на кој се појавил Груби – елегантно, мирно, смирено, со очила, со насмевка – јасно е дека тоа утро во државата „се случи целосно губење на довербата на сите граѓани“.
„Му ставија лисици луѓе што претходно беа дојдени, полицајци, не полицајците што се, кои работат на граничниот премин, имаше камера која го снимаше сето тоа, единствено нешто што недостасуваше беше црвен килим“,
рече Филипче.
Според Филипче, секој што го прекршил законот треба да одговара, ама не со политички договори кои ја поткопуваат довербата во правосудниот систем.
„Да ви кажам многу јасно и гласно да знаат гледачите, да знаат граѓаните. Кој што има, нека каже. Кој го прекршил законот, нека одговара. Од која и да е политичка партија. Ама вакви монтирани и договорени политички дилови не носат верба во судскиот систем“,
кажа Филипче.
Во контекст на случувањата со Артан Груби, Филипче истакна и дека контрадикторните информации од институциите дополнително ја продлабочуваат недовербата кај јавноста.
„Излезе соопштение од обвинителството дека пуштањето во домашен притвор е по интервенција и по сугестија на АНБ и МВР. Па излезе директорот на затворот којшто кажа дека ниту АНБ ниту МВР, коишто се директно контролирани од премиерот, дошле и направиле процена. Тоа не се случило. Тие помеѓу себе почнаа да си пукаат политички, не во нога, во гради и во глава. Тоа не го сакаат граѓаните. Така да договор очигледно е дека има. Кој така доаѓа на граница? Кого сте виделе насмеан да му ставаат лисици на рацете?“,
нагласи Филипче.
Лидерот на СДСМ додаде дека доколку постојат какви било информации или докази тие треба да бидат изнесени јавно, но нагласи дека власта нема капацитет тоа да го спроведе со, како што рече, партизирано судство.
„Апсолутно, нека се открие сè што треба. Ама ова власт нема капацитет тоа да го прави. Не се прави тоа со партизирано судство. Очигледно е дека и судството и обвинителството се целосно партизирани. Тоа се луѓе кои директно му одговараат на премиерот. Па кој има верба во такво судство?“,
истакна Филипче.
Тој посочи дека граѓаните веќе чувствуваат страв поради тоа што изгубиле верба дека оваа власт може да испорача конкретни резултати за напредокот на државата.
„Стравот е кај сите граѓани, дека оваа држава нема да ја биде. И стравот им е оправдан, затоа што видоа што и како се прават тие договори. Граѓаните не се ниту слепи, не се ниту глуви, не се ниту наивни. Се случи целосно губење на довербата на сите граѓани, на сите луѓе што живеат во оваа држава, дека ова власт може да испорача тоа што треба, нешто што треба – реформи, вистинска правда, и тоа се случи на очите на сите граѓани“,
кажа Филипче.
Во интервјуто Филипче посочи дека никој повеќе не може да ги излаже граѓаните и покрај силната пропагандна машинерија на ВМРО.
„Четириесет отсто од медиумите се контролирани од ВМРО-ДПМНЕ, тоа се Орбановите медиуми коишто шират дефетизам, коишто шират анти-ЕУ пропаганда, се вклучија да го одбранат, а тоа едноставно не се брани. Такви политички договори во кои што судството и обвинителството испорачуваат тоа што треба во интерес на некакви непринципиелни политички договори, не му носи добро на никој“,
вели Филипче.
Претседателот на СДСМ вели дека премиерот Мицкоски со политиките што ги спроведува го губи кредибилитетот.
„Премиерот секој ден губи од својот кредибилитет. Излезе дека дојде на власт со сериозно лажна пропаганда. Ветуваше промена на Преспанскиот договор, ветуваше промена на договорот со Бугарија, ветуваше реформи и така натаму. Ветуваше правда, викаше дека ДУИ се криминалци. Што излезе? Се договориле со Артан Груби“,
рече Филипче.
