Имаме забележано дека има напредок во последните години, но кога станува збор за реалната имплементација, се соочуваме со менталитет на измама и култура на корупција, рече холандскиот амбасадор на денешната Втора регионална експертска конференција за Кластер 1 „Основни вредности“ во рамки на проектот „Правдата нека владее со регионот“

Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп на денешната Втора регионална експертска конференција за Кластер 1 „Основни вредности“ во рамки на проектот „Правдата нека владее со регионот“, упати остри критики за отсуството на желба во земјава вистински да се спроведат реформи со цел владеење на правото и правната држава. Тој порача дека членството во Европската Унија е исклучиво наша обврска, а не на Унијата, и оти функционерите, наместо да трупаат изговори, треба да ги направат потребните реформи.
Амбасадорот Коп направи споредба помеѓу земјите од поранешната југословенска република и оние од поранешниот Советски сојуз, подвлекувајќи дека по нивниот распад, во земјите од Западен Балкан се живеело многу подобро за разлика од, на пример, во Унгарија, Полска, Чешка или Бугарија.
„Сепак сите други земји во период од 10 до 15 години успеаја да ги направат потребните реформи и да станат членки на ЕУ. Што правите вие, освен што трупате изговори за исполнување на барањата за членство? Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и овие други земји? Слушам дека Европската Унија е виновна, дека членството е заедничка одговорност и дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и дека вие нас нè оставате да ве чекаме премногу. По децении огромна поддршка, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници? По сите овие години има стратегија за сè, има по два акциски плана за сè, сечија свест е веќе трипати зголемена и сите се веќе обучени четирикратно. Сепак, сè е заглавено поради недостигот на имплементација, корупцијата и непотизмот. Со едноставни зборови, нема вистинска политичка волја за промена, не само во политиката, туку, на пример, и во верските заедници, коишто блокираат промена и ја блокираат Истанбулската конвенција. Политичарите и понатаму се нечујни и сакаат да се фотографираат со свештениците и оџите. И која е пораката за нас во ЕУ? Пораката е дека ги сакаме вашите пари, меѓутоа не ги сакаме вашите вредности“,
рече амбасадорот Коп нагласувајќи дека Холандија била и ќе продолжи и понатаму да биде партнер за регионот на неговиот пат кон ЕУ.
Во однос на овој проект, додаде холандскиот амбасадор, имаме забележано дека има напредок во последните години, но кога станува збор за реалната имплементација, се соочуваме со менталитет на измама и култура на корупција.
„Ние имаме многу примери за тоа. Во оваа земја, на пример, Судскиот совет не е легитимно тело и има направено мали измени на Кривичниот законик кои обезбедуваат неказнивост за високи функционери и со кои се фрлаат голем број случаи на корупција во канта за отпад“,
нагласи Коп.
Тој потенцира дека „ситуацијата во правосудниот сектор нѐ остави без друга опција освен да ја евалуираме нашата поддршка којашто ја даваме“.
„Сепак, самиот регион и покрај ова нема некоја друга алтернатива освен да се движи напред кон ЕУ. Друга алтернатива е за 20-ина години да се создаде една група сиромашни земји со празни села, со празни места, каде што ќе останат само стари луѓе, додека останатите ќе бидат емигрирани. Знаците се тука. Ова не е бајка. Денешниот геополитички контекст е во најмала рака сложен, но неговото релативно мало влијание врз регионот не може повторно да се искористи како изговор да не се оди напред. Одењето напред може да се постигне само ако има владеење на правото, демократија и почитување на човековите права“,
рече амбасадорот на Холандија во земјава.
Тој посочи дека во Холандија голем акцент се става врз владеењето на правото, бидејќи „тоа е основата и камен-темелник за сите демократии“.
„И тука станува збор за разбирање на правата на граѓаните, за балансот меѓу нивните непремостливи права кон слободите и обврските и имањето на јасни правила со коишто се ограничуваат овластувањата на власта и се третираат сите луѓе на еднаков начин. За сето тоа е потребно да постојат стабилни институции, бидејќи институциите се скелетот и основата на државата, а не поединечни корумпирани шефови и диктатори. Тие ќе изумрат во еден момент, а институциите не изумираат. Холандија не е голема земја. Она што ги штити малите земји не е големината или воената моќ, туку меѓународното право и човековите права“.
рече Коп цитирајќи стара латинска поговорка: „Правдата нека се изврши дури и небото да пропаѓа“.
Според холандскиот амбасадор, во контекст на ЕУ , земјите членки треба да си веруваат на меѓусебните структури и во меѓусебните процеси.
„ЕУ успеа тоа да го направи. Разновидна група на земји креираа еден единствен пазар во којшто се обезбеди заеднички стандард на живеење и сега соработуваме и во други области, а таа соработка и понатаму расте. Поддршка и солидарност – тоа не секогаш беше успешно. Не беше ниту лесно ниту без никакви пречки постигнато во ЕУ, особено во однос на владеењето на правото. Меѓутоа, и покрај предизвиците со коишто се соочуваме на секојдневна основа, има правила коишто заеднички ги усвоивме и има механизми со коишто се осигурува спроведување на тие правила за коишто се договоривме. Системот, иако се чини дека е несовршен, нè прави да бидеме посилни и побезбедни. Тоа е иднината којашто ја сакаме за Западен Балкан – безбедни, стабилни и просперитетни во ЕУ. Но, вие, не ние, сте одговорни за да стигнете дотаму“,
заклучи холандскиот амбасадор Коп.
