Албанија, Доминиканска Република, Косово, Малдиви, Мексико, Северна Македонија, Србија, Тунис и Турција се земјите во кои нема никакви ограничувања
Една од најмоќните патни исправи во светот – американскиот пасош денес се соочува со најголемиот предизвик кога повеќето земји во светот ги спуштија граничните рампи за оние кои го поседуваат.
Со над три милиони случаи на коронавирус, многу нации сега на САД гледаат со сомнеж – без разлика колку и да се посакувани туристите од овој континент, тие не се подготвени да преземат ризик и да ги отворат своите граници.
Иако во многу земји секојдневно се намалуваат рестрикциите, Американците сè уште се наоѓаат на листата на ризични земји кај повеќето од нив. Европската унија на почетокот на овој месец ги изостави Соединетите држави од листата со 15 земји чии државјани можат да влезат на нејзина територија.
Иако повеќето Американци ќе одлучат ова лето да бидат блиску до дома и ќе се одлучат за патувања на кратки растојанија, за оние кои ќе сакаат да заминат преку барата сè уште има неколку опции.
На пример, најголемиот дел од Карибите е отворен за американските туристи. Во некои земји за американските туристи се предвидени дополнителни мерки за заштита како проверка на температура и тест за ковид-19.
Според листата што ја објавија американските медиуми, границите на само девет земји се отворени за американските граѓани: Албанија, Доминиканска Република, Косово, Малдиви, Мексико, Северна Македонија, Србија, Тунис и Турција, додека нешто повеќе од 20 земји дозволуваат влез на американските граѓани под одреди услови, како негативен тест или 14-дневен карантин.

Останатите држави засега остануваат затворени.
Еве како изгледа мапата што Си-ен-ен ја изработи и на која се прикажани дестинациите каде Американците можат да патуваат. Притоа, земјите каде тоа е овозможено се прикажани со сина боја, оние со одредени дополнителни барања со жолта, додека оние каде немаат пристап засега се со црвена боја.
