Во градоначалничките фотелји седнуваат Бети Стаменкоска-Трајкоска во Кисела Вода, Соња Стаменкова во Македонска Каменица, Марија Нацева во Неготино и Наталија Димитриева во Општина Демир Капија

Од 80 општини и Градот Скопје, колку што има во земјава, само со четири од нив ќе раководат градоначалнички. По вчерашниот втор круг од локалните избори бројот на градоначалнички се искачи на четири, откако на гласањето пред две недели беше избрана само една жена да раководи со единица на локална самоуправа.
Резултатите од вчерашното гласање покажуваат дека со општините Македонска Каменица, Неготино и Демир Капија ќе раководат жени, а претходно, во првиот изборен круг, беше избрана само градоначалничката на Општина Кисела Вода.
Во градоначалничките фотелји седнуваат Бети Стаменкоска-Трајкоска во Кисела Вода, Соња Стаменкова во Македонска Каменица, Марија Нацева во Неготино и Наталија Димитриева во Општина Демир Капија.
Во однос на партиите, само Соња Стаменкова е од коалицијата предводена од СДСМ, додека другите три градоначалнички се од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
На локалните избори имаше вкупно 309 кандидати за градоначалници, од кои само 32 беа жени, што е 10,35 отсто.
Најмногу кандидатки – три – имаше во Прилеп, додека по две се натпреваруваа во Битола, Велес, Карпош, Кисела Вода, Неготино и во Центар.
Во 16 општини и во Градот Скопје имаше само по една кандидатка, а во голем дел од општините жени воопшто не беа присутни на гласачките ливчиња.
