Сите шестмина пратеници од Левица гласале „за“ предлогот поднесен од пратениците Скендер Реџепи, Арбана Пашоли, Рина Ајдари, Муса Џафери, Дијана Тоска, Илире Даути и Сали Мурати. Реагира и ДОМ – велат разочарани и револтирани се од македонските народни претставници

Само 16 пратеници денеска гласале за предлог-резолуцијата за хуманитарна помош за појасот Газа.
Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, рече дека сите шестмина пратеници од Левица гласале „за“ предлогот поднесен од пратениците Скендер Реџепи, Арбана Пашоли, Рина Ајдари, Муса Џафери, Дијана Тоска, Илире Даути и Сали Мурати.
„Додека палестински деца умираат од ГЛАД (од глад!), македонското собрание не само што не го осуди ционизмот на Израел (за разлика од многу европски држави) – туку не се уважува барем срамежливо да побара хуманитарна помош пред најголемиот геноцид на нашето време! Од народ кој во Втора светска војна издвојува победа против фашистичкото зло и се позиционира на правилната страна на историјата, денес со партии со неоколонијален и вазален менталитет МОЛЧИМЕ, додека деца умираат од глад. Се срамам од генерација која е апатична, индиферентна и колаборационистичка пред најголемото злосторство на нашето време“,
напиша Мојсоска на фејсбук.
Револт и разочарување за постапките на мнозинството пратеници изрази и Демократска обнова на Македонија (ДОМ).
„Ова молчење на македонските пратеници е потполно недостојно за земја која ја носи традицијата на хуманизам и солидарност од нашите предци. Во македонскиот парламент само 16 пратеници ја поддржаа хуманитарната иницијатива, додека сите останати пратеници од владејачкото мнозинство и дел од опозицијата гласаа воздржано или против. Ова не е време да анализираме дали резолуцијата е предложена од опозицијата или од владејачките партии – време е да делуваме со мерки што ќе им помогнат на луѓето во нужда во Појасот Газа“,
се вели во соопштението на ДОМ.

Оттаму ја повикуваат Владата итно да ги активира сите можни механизми, вклучително и редуцирање на дипломатските односи за да се зголеми меѓународниот притисок врз Израел и да се обезбеди хуманитарна помош за жртвите во Газа.
Палестинските здравствени власти велат дека најмалку 111 лица починале од глад, вклучувајќи 80 деца, повеќето во последните недели и 10 само во последните 24 часа. Дури и луѓето кои се обидуваат да добијат храна на хуманитарните пунктови ги ризикуваат своите животи. Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека израелските сили убиле повеќе од 1 000 Палестинци кои се обидувале да добијат храна во Појасот Газа од мај.
Дека Палестинците во Газа страдаат од „масовен глад“ поради блокада на помошта на енклавата, предупреди и генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејсус.
Тој се приклучи на над 100 хуманитарни организации кои побараа од владите во светот итно да реагираат и да го натераат Израел да ја прекине блокадата на хуманитарната помош, но и целосно да го заврши конфликтот.