Со состанокот ќе претседава претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кој заедно со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ќе ја претставува ЕУ
Состанок на лидерите на земјите членки на ЕУ и Западен Балкан ќе се одржи в среда, 6 мај, преку видеоконференциска врска поради пандемијата на новиот коронавирус, соопшти хрватското претседателство со ЕУ.
„ЕУ и Западен Балкан се обединети во борбата против ковид-19. Самитот ќе овозможи истакнување на меѓусебната солидарност и соработка во време на кризата“,
пишува во соопштението потсетувајќи дека ЕУ обезбедила 3,3 милијарди евра помош за земјите од Западен Балкан во борбата против пандемијата.
Лидерите, исто така, ќе ја потврдат перспективата на Западен Балкан и „определеноста на западнобалканските држави да се придржуваат кон европските вредности и начела“.
„ЕУ е најважен партнер на регионот на Западен Балкан, а видеоконференцијата ќе го истакне значењето на заедничкиот однос меѓу Унијата и Западен Балкан“,
се додава во соопштението.
Учесниците на видеоконференцијата ќе разменат мислења за новата фаза за блиска соработка за решавање на социо-економските последици од ковид-19, важноста на регионалната соработка, како и начините за најдобро справување со безбедносните предизвици.
На состанокот ќе учествуваат шефови на држави или влади на земјите членки на ЕУ и на шесте западнобалкански држави – Северна Македонија, Албанија, БиХ, Србија, Црна Гора и Косово.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел ќе претседава со состанокот и заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ќе ја претставува ЕУ.
Претходниот Самит ЕУ-Западен Балкан беше одржан на 17 мај 2018 година во Бугарија.