Грета Тунберг пристигна со воз во Глазгов, откако еден ден претходно присуствуваше на митингот на млади еколошки активисти во Лондон против улогата на финансиските институции во климатската криза
Илјадници активисти од разни делови на светот пристигнуваат во Глазгов за да извршат притисок врз светските лидери да дејствуваат за заштита на климата пред почетокот на Самитот за климата на ОН, COP26, состанок кој се смета за клучен за иднината на планетата.
Многумина од нив пристигнаа пешачејќи десетици, па дури и илјадници километри, означувајќи го почетокот на митинзите кои се одржуваат во исто време со климатската конференција на ОН, која завршува на 12 ноември во тој шкотски град.

Синоќа, младата шведска активистка Грета Тунберг пристигна со воз во Глазгов, откако еден ден претходно присуствуваше на митингот на млади еколошки активисти во Лондон против улогата на финансиските институции во климатската криза.
Активистите, кои пристигнаа од Шпанија, Белгија, но и од Шкотска, претходно маршираа низ центарот на градот, носејќи транспаренти со слогани како „Ајде да дејствуваме сега“, „Акции, а не зборови“ и „Стоп за фосилната енергија“, на повикот на групата „Потиснување на бунтот“.
На Самитот треба да присуствуваат повеќе од сто лидери, меѓу кои и американскиот претседател Џо Бајден, францускиот Емануел Макрон и претседателот на Индија, Нарендра Моди.
Се очекува да пристигнат и илјадници климатски активисти од целиот свет. Организаторите проценуваат дека ќе има околу 100 000 на големиот собир закажан за петок.
Шкотската полиција соопшти дека околу 10.000 полицајци од цела Велика Британија ќе бидат распоредени на улиците на Глазгов секој ден за време на COP26, што е најголемата безбедносна активност досега организирана во Шкотска.
Самитот, кој почнува денеска и ќе трае до 12 ноември, се очекува да даде одговор дали светот може да се обедини и да се соочи со глобалното затоплување како заеднички непријател, пред да биде предоцна. Во момент на екстремни временски појави ширум светот и по извештајот на ОН за климата, што предупреди дека глобалното затоплување ќе излезе од контрола, постапките на владите на оваа конференција ќе одредат дали самитот ќе биде успешен.
Разговорите што почнуваат денеска во Глазгов се тешки, а двонеделниот самит е и под дополнителен притисок поради пандемијата на коронавирусот, економската криза што ја предизвика и проблемите во светот со енергенсите.