Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го поздрави учеството на македонската делегација на денешниот Самит на Алијансата во Лондон и порача дека членството на земјата е позитивен чекор за целиот регион.
„Северна Македонија и премиерот Заев беа поздравени на денешниот состанок и сите ја очекуваме земјата како 30. членка на НАТО. Ова покажува дека вратата на НАТО е отворена и силно веруваме дека членството на Северна Македонија ќе биде добро и за државата и за регионот“, изјави Столтенберг на прес-конференцијата.
Дека членството е прашање на време покажува и членот 5 од Лондонската декларација во кој стои: „Посветени сме на политиката на НАТО на отворени врати која ја зајакнува Алијансата и носи безбедност за милиони Европејци. Северна Македонија денеска е овде со нас и наскоро ќе биде нашата најнова членка“.
Северна Македонија денеска првпат учествуваше на еден Самит на НАТО како де факто земја членка.
Формално, останува Пристапниот протокол да биде ратификуван од страна на Шпанија и потоа во парламентот во Скопје.