Саливен додаде дека главната порака што Бајден ќе му ја пренесе на Трамп е дека е посветен кон мирен трансфер на власта, но исто така ќе разговара со него за тоа што се случува во Европа, Азија и на Блискиот Исток
Американскиот претседател Џо Бајден ќе разговара за домашните и за надворешните приоритети со новоизбраниот претседател Доналд Трамп в среда, за кога е закажана средба меѓу нив, и ќе ја повика новата администрација на САД да не ѝ заврти грб на Украина, рече националниот советник за безбедност Џо Саливен. Како што кажа Саливен, таквиот потег би можел да поттикне нова нестабилност во Европа.
„Претседателот Бајден ќе изложи аргументи дека ни треба континуирано финансирање за Украина по завршувањето на неговиот мандат“,
рече Саливен во интервју за Си-би-ес њуз.
Саливен додаде дека главната порака што Бајден ќе му ја пренесе на Трамп е дека е посветен кон мирен трансфер на власта, но исто така ќе разговара со него за тоа што се случува во Европа, Азија и на Блискиот Исток. Тој исто така рече дека двајцата ќе зборуваат за тоа како Трамп ќе се постави кон овие прашања откако ќе ја преземе функцијата.
Саливен во интервјуто вели и дека Белата куќа ќе ги потроши преостанатите шест милијарди долари од финансирањето за Украина пред претседателската инаугурација на Доналд Трамп во јануари.
Тој вели дека главната цел на администрацијата на Бајден во нејзините преостанати месеци ќе биде „да ја стави Украина во најсилна можна позиција на бојното поле, за на крајот да биде во најсилната можна позиција на преговарачката маса“.
Доналд Трамп официјално ќе стапи на претседателската функција на 20 јануари, откако на изборите на 5 ноември ја победи противкандидатката и актуелна потпретседателка Камала Харис.