„Ова е уште еден пример за бруталноста на Владимир Путин и неговите сили чии цели се училишта, џамии, болници и новинари“, рече Џејк Саливан, советник за национална безбедност на Белата куќа, кој додаде дека Путин ќе плати висока цена
Убиството на американскиот новинар Брент Рен е шокантен и ужасен настан, изјави синоќа за Си-eн-eн, Џејк Саливан, советник за национална безбедност во Белата куќа.
„Ова е уште еден пример за бруталноста на Владимир Путин и неговите сили чии цели се училишта, џамии, болници и новинари“,
изјави Саливан, советник за национална безбедност во Белата куќа.
САД работат на тоа рускиот претседател да плати висока цена, додаде тој.
Убиениот американски новинар, 51-годишниот Брент Рен, се наоѓал во градот Ирпин, предградие на Киев работејќи на проект за бегалската криза за магазинот „Тајм“, потврдија оттаму во соопштение на својата официјална страница. Бил застрелан додека работел заедно со својот тим на снимање.
Во изјава за Си-би-ес, Саливан предупреди дека доколку Русија почне да пука на територијата на НАТО, блокот ќе одговори „со полна сила“, и додаде оти тоа ќе го активира членот 5 на НАТО, според кој нападот врз еден сојузник се смета за напад врз сите сојузници.
„Доколку има воен напад на територијата на НАТО, тоа би предизвикало повикување на членот 5, а ние би одговориле на тоа со целосните сили на НАТО“,
изјави тој.
Изјавата дојде откако руските сили вчера истрелаа 30 проектили врз база што американски и други сојузнички инструктори ја користеле како тренинг-центар за украински војници. Базата се наоѓа на само 24 километри од границата со Полска, која е членка на НАТО.