Претседателот на Црна Гора утрово ја започна дводневната официјална посета на Грција
Поддршка од Грција за европската перспектива на Западен Балкан изрази грчката претседателка Катерина Сакеларопулу за време на средбата со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, додавајќи дека членството на регионот е од политички и економски интерес на самата ЕУ, јави МИА од Атина.
„Грција верува дека во времиња на зголемени глобални предизвици, како што е ова низ кое минуваме, европската перспектива на Западен Балкан, односно нивна целосна интеграција е од политички и економски интерес на Европската унија, но тоа е и поттик за овие земји да ги направат неопходните реформи“
истакна Сакеларопулу, која денеска имаше средба со црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, во рамки на неговата официјална посета на Атина.

Според грчката претседателка, Црна Гора има направено важен напредок во процесот на преговори со ЕУ. Таа порача дека во рамките на грчката поддршка е и „апсолутната поддршка на Грција на иницијативата на француското претседателство со Советот, за да не се изгуби политичкиот моментум за политичката за проширување со Западен Балкан“.
Црногорскиот претседател се заблагодари за континуираната поддршка и помош на Грција во европскиот и евроатлантскиот тек, не само на Црна Гора, туку и за сите земји од Западен Балкан.
Сакеларопулу и Ѓукановиќ истакнаа дека нивната денешна средба има особена важност, со оглед на тоа дека е прва на претседател на Црна Гора на Грција по независноста на земјата во 2006 година.
Претседателот на Црна Гора утрово ја започна дводневната официјална посета на Грција, каде што, на свечена церемонија, со највисоки воени и државни почести, беше пречекан во претседателската палата.
Освен со Сакеларопулу, Ѓукановиќ се сретна и со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, а планирани се средби и со претседателот на парламентот, Константинос Тасулас, со атинскиот градоначалник, Костас Бакојанис, а ќе положи и венец на гробот на генерал Васо Брајовиќ Мавровуниотис.
Вечерва во претседателскта палата Сакеларопулу ќе приреди свечена вечера во чест на Ѓукановиќ.