Фон дер Лајен и Кошта на социјалната мрежа Икс објавија оти разговарале со Вучиќ за важноста од забрзување на реформите, особено во областите на владеењето на правото и слободата на медиумите

Остануваме целосно посветени на тоа да видиме демократска Србија во ЕУ. Можете да сметате на нашата поддршка, рекоа претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет, Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта, по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Фон дер Лајен и Кошта на социјалната мрежа Икс објавија оти разговарале со Вучиќ за важноста од забрзување на реформите, особено во областите на владеењето на правото и слободата на медиумите.
„Нагласивме дека проширувањето е геостратешки императив, како и потребата Србија повеќе да се усогласи со надворешната и безбедносната политика на ЕУ. Исто така, ги поздравивме чекорите на Србија за диверзификација на изворите и рутите за снабдување со енергенси и за намалување на зависноста од Русија, чија несигурност е постојано демонстрирана“,
објавија Фон дер Лајен и Кошта.
Good to meet together with @avucic to take stock of Serbia’s progress on its EU path.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) December 10, 2025
We discussed the importance of accelerating reforms, in particular in the areas of rule of law and media freedom.
We stressed that enlargement is a geostrategic imperative and the need for… pic.twitter.com/O3k64Gs3Fa
По работната вечера, која Фон дер Лајен ја приреди во нејзиниот кабинет, таа и Кошта изјавија дека се задоволни што се сретнале со Вучиќ за да го анализираат напредокот на Србија на патот кон ЕУ.
„Европа постојано покажува солидарност со Србија преку големи инвестиции во енергетската инфраструктура и преку поддршка на ранливите домаќинства. Како што нагласивме за време на нашите посети претходно оваа година, ние остануваме целосно посветени на тоа да видиме демократска Србија во ЕУ“,
се додава во објавата.
По вечерата, Вучиќ го оцени разговорот со Фон дер Лајен и Кошта како пријатен.
„Беше пријатен разговор…Ние сме многу добри познаници и се разбираме многу добро дури и кога не се согласуваме. Разговаравме и за тоа каде, колку и како можеме да увезуваме деривати, од Бугарија и Романија, каде да градиме нови гасоводи и нафтоводи, разговаравме детално. Немам толку страв за гасот колку што имам за нафтата, баравме решенија и верувам дека ќе ја имаме поддршката од ЕУ за тие важни прашања“,
изјави Вучиќ доцна синоќа за медиумите од Србија.
Тој изјави дека е „искрено задоволен од текот, начинот и тонот на разговорот, особено во врска со енергетските проблеми со кои се соочува Србија и дека единственото прашање е кога ќе стигне предупредувањето за секундарни санкции од САД.
„Искрено, задоволен сум од текот, начинот, тонот на разговорот, особено во врска со енергетската ситуација во која денес не ни е лесно, а секој нареден ден ќе станува сè потешко. Веќе поминаа 61 или 62 дена откако не влеговме ниту една капка нафта во нашата рафинерија и единственото прашање е кога ќе стигне предупредувањето за секундарни санкции за централната банка и банките и само тогаш ќе се појават вистинските проблеми“,
рече Вучиќ на прес-конференцијата.
Тој додаде дека разменил мислења со домаќините за сите чекори што ги презеде Србија за да ги спроведе реформите и да ги исполни преземените обврски.
„Разговаравме и за моментумот во европската политика за проширување, за ситуацијата во регионот, како и за можностите за забрзување на нашиот европски пат“,
кажа Вучиќ.
