Додека траеше протестот, во населбите Лисиче, Ново Лисиче и Аеродром повторно можеше да се почувствува миризба на запалено ѓубре и пластика, а директорот на ДЗС, Ангелов, вели дека состојбата на депонијата варира и оти веројатно поради падот на притисокот чадот е спуштен. Тој повторно рече дека на депонијата нема горење
Ана Каранфилова-Мазневска, раководител на Сектор за отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), вели дека ситуацијата е сериозна и оти таа може да потрае

„Изборите ви се угушија“; „Загадувањето е само визуелно? Умирањето е реалност!“; „Премиерот дише ист воздух или има друг“; „Дојди на блокада аир (air) да видиш“, беа дел од транспарентите што денеска ги носеа скопјани на протестот што неколку дена со одржува во скопската населба Аеродром.
Жителите и денеска го искажаа својот револт поради загадувањето на воздухот што изминатите денови доаѓа од „Дрисла“, како и од дивата депонија во Вардариште.
Протестот и денеска се одржа на крстосницата помеѓу булеварите „Србија“ и АСНОМ, конкретно пред мостот „Киро Глигоров“ каде што, споредено со претходните денови, можеше да се забележат повеќе присутни кои беа дојдени со велосипеди, а многу од нив беа излезени со деца.
„Како да живееме во гасна комора. Ова е страшен екоцид и геноцид врз сопствениот народ“,
рече една од учесничките на протестот.
Учесниците на протестот од крстосницата кај мостот „Киро Глигоров“ и вечерва маршираа до пред зградата на општината. Напред држеа транспарент на кој пишуваше: „Сакаме воздух“, а додека се движеа по булеварот извикуваа: „Сакаме да дишеме“.

На крајот на протестот тие порачаа дека нема да сопрат додека не се најде решение и закажаа марш и за утре во исто време, во 18 часот.
Додека траеше протестот, во населбите Лисиче, Ново Лисиче и Аеродром повторно можеше да се почувствува миризба на запалено ѓубре и пластика.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов во гостување во вестите на телевизија Сител рече дека состојбата на депонијата варира и оти веројатно поради падот на притисокот чадот е спуштен. Тој повторно рече дека на депонијата нема горење.
„Не се работи за делот каде што е самото ѓубриште од депонијата, туку на место каде што се слеваат отпадните води односно исцедокот од самата депонија место кое верувам дека има голема количина на гасови што настануваат како последица на хемиски и биолошки процеси внатре во депонијата“,
рече Ангелов и додаде дека во овие води има и пластични шишиња.
Ана Каранфилова-Мазневска, раководител на Сектор за отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), во „Тема на денот“ на Сител рече дека ситуацијата е сериозна и оти таа може да потрае.
„Ова не е невообичаено кога ќе се запали депонија. Гасењето пожар на депонии не е едноставна работа и бара многу умешност, механизација и техника. И покрај тоа, не може да се изгаси толку брзо. Вообичаено е дека сè додека има материјал што може да гори и додека тој не изгори ќе имаме пожар“,
рече Каранфилова-Мазневска.

Од МЖСПП денеска излегоа со соопштение во кое велат дека квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопје е во рамките на граничните вредности, со исклучок на мали надминувања на среднодневната вредност за честичките ПМ 10 на мерните станици во Лисиче и Центар.
Според податоците од Државниот автоматски мониторинг-систем за квалитет на амбиентален воздух (ДАМСКАВ), во периодот од 10 до 12 септември, нема регистрирани надминувања за сулфур диоксид, азот диоксид, јаглерод моноксид и озон.
Надминувања на ПМ 10 честички, како што велат од МЖСПП, имало на мерно место во Лисиче.
Попладнево, на прес-конференција од пред „Дрисла“, директорот на ДЗС информираше дека чадењето од депонијата е активно и денеска, но е значително намалено за разлика од претходните денови. Делот каде што се одвива чадењето е делумно затрупан, се работи со механизација, но, како што додаде, просторот е тесен и не дозволува проод на повеќе машини.
Ангелов информираше и дека припадници на криминалистичката полиција вршат службени разговори со вработени во ЈП „Дрисла“, со цел да ги утврдат причините за пожарот на депонијата.
Најави дека во следниот период ќе бидат употребени повеќе методи за набљудување на депонијата, како и зголемено полициско присуство, со цел откривање евентуални потпалувачи бидејќи, според него, необјасниво е како се зголемува чадењето откако претходно се интервенирало и огнот драстично е намален.
Посочи дека во околината на депонијата ќе има засилено полициско присуство, повеќе патроли, а ќе употребат и други методи на набљудување на самата депонија за откривање на евентуални потпалувачи.