„Како судии на Меѓународниот кривичен суд, овие четири лица активно се вклучија во нелегитимните и неосновани дејствија на Судот насочени кон Америка или нашиот близок сојузник, Израел“, рече американскиот државен секретар Марко Рубио
Соединетите Американски Држави воведоа санкции против четворица судии на Меѓународниот кривичен суд во Хаг поради, како што наведува Стејт департментот, политизирање и злоупотреба на моќта на судот.

„Не го преземаме овој чекор лесно. Тој ја одразува сериозноста на заканата од политизацијата и злоупотребата на моќта од страна на Меѓународниот кривичен суд со која се соочуваме“,
се вели во соопштението на Стејт департментот на САД.
На списокот на санкционираните се наоѓаат судиите Соломи Балунги Боса и Луис дел Кармен Ибањез Каранза од Жалбениот совет на Меѓународниот кривичен суд и Рејна Аделаида Софи Алапини Гансу и Бети Холер од одделението за предсудска и судска постапка.
„Како судии на Меѓународниот кривичен суд, овие четири лица активно се вклучија во нелегитимните и неосновани дејствија на Судот насочени кон Америка или нашиот близок сојузник, Израел. Меѓународниот кривичен суд е политизиран и лажно тврди дека има неограничено дискреционо право да истражува, обвинува и гони државјани на Соединетите Американски Држави и нашите сојузници“,
рече државниот секретар на САД, Марко Рубио.
Судот го критикуваше потегот на администрацијата на САД, велејќи дека тоа е обид да се поткопа независноста на меѓународната судска институција која им дава надеж и правда на милиони жртви на злосторства.