Главниот експерт за заразни болести во САД, д-р Ентони Фаучи смета дека Америка се наоѓа во „критичен момент“ во борбата против коронавирусот, додавајќи дека бројот на хоспитализирани во САД расте, а досега се вакцинирани 1,9 милиони луѓе.

Фаучи, кој ја прими вакцината минатата недела, за Си-ен-ен изјави дека најголемиот предизвик се празниците, бидејќи луѓето не ги почитуваат препораките да се собираат.
„Има гужви на аеродромите, семејствата се мешаат, без разлика штопостојано укажуваме дека сме против тоа – тоа се случува“,
вели тој.
Властите проценуваат дека околу 85 милиони Американци за божиќните празници патувале да ги посетат семејствата или пријателите, што може да доведе до зголемување на бројот на заразени. Во Соединетите држави со недели се регистрираат до 200 000 нови случаи на ден.
Фаучи, кој е предложен за главен советник за здравство во администрацијата на новиот американски претседтел Џозеф Бајден, ги повикува Американците да се вакцинираат.
Тој се надева дека околу 209 милиони Американци, или 75-80 проценти од населението, ќе бидат вакцинирани во наредните месеци, што може да биде доволно за создавање колективен имунитет.
Фаучи очекува овој број на вакцинирани да се постигне до крајот на летото, и дека тогаш земјата ќе може да се врати во „некаква нормалност“.
Ентони Фаучи исто така вели дека властите во САД следат дали ќе се појави нов вид на вирусот, како оној во Велика Британија и Јужноафриканската Република, како и дали вакцините на „Фајзер / Бионтек“ и на „Модерна“ се ефикасни против оваа мутација.

Во Америка, повеќе од 332 илјади луѓе починаа од ковид 19 досега, а регистрирани се 19 милиони заразени, што е повеќе од која било друга земја во светот.
Бројот на хоспитализирани вчера е 121 235, што е рекорден број во еден ден од почетокот на пандемијата. Во земјата веќе 27 дена по ред има по повеќе од 100 000 пациенти хоспитализирани со ковид-19 дневно.
