САД претходно сигнализираа неодобрување на нацрт-текстот. Една од петте постојани членки на Советот со право на вето, САД постојано се спротивставуваа на повиците за „прекин на огнот“, нагласувајќи го, како што тврдат, правото на Израел да се брани по терористичкиот напад на Хамас
Соединетите држави ставија вето на резолуцијата на ОН со која се повикa на итен прекин на огнот во Газа, поради зголемената загриженост за бројот на цивилни жртви, јави Си-ен-ен.
За да биде успешно изгласана, за неа требаше да гласаат девет од 15 членки без притоа да биде ставено вето. За резолуцијата гласале 13 земји, додека Соединетите Држави ставиле вето, а Велика Британија била воздржана.
Нацрт верзијата на резолуцијата, претставена од Обединетите Арапски Емирати, бараше „итен хуманитарен прекин на огнот“, како и „итно и безусловно ослободување на сите заложници“ и „обезбедување хуманитарен пристап“.
Најмалку 97 други земји се приклучија во напорите, ко-спонзорирајќи го нацрт-законот подготвен од ОАЕ.
САД претходно сигнализираа неодобрување на нацрт-текстот. Една од петте постојани членки на Советот со право на вето, САД постојано се спротивставуваа на повиците за „прекин на огнот“, нагласувајќи го, како што тврдат, правото на Израел да се брани по терористичкиот напад на Хамас.
Амбасадорот на Израел во ОН Гилад Ердан, претходно категорично ги отфрлил повиците за прекин на огнот. Тој пред Советот за безбедност на ОН рекол дека „прекинот на огнот само ја зајакнува контролата на Хамас врз Газа и испраќа порака дека на Хамас му е простено за неговите намерни злосторства“, јави Би-би-си.
Тој исто така рекол дека „угнетувањето на населението во Газа од страна на Хамас“ добило „зелено светло од меѓународната заедница“. Ердан додал дека „без воен притисок врз Хамас, ниту една дипломатија не може да гарантира ослободување на заложниците“.
Американскиот претставник Роберт Вуд на седницата рекол дека САД не поддржуваат итен прекин на огнот.
„Иако САД силно поддржуваат траен мир во кој и Израелците и Палестинците можат да живеат во мир и безбедност, ние не ги поддржуваме повиците за итен прекин на огнот. Тоа само ќе го посее семето на следната војна бидејќи Хамас не сака траен мир“,
рекол Вуд пред Советот за безбедност на ОН.
Гласањето за резолуцијата на ОН со која се повикa на итен прекин на огнот во Газа беше шести обид на 15-члената група да постигне консензус за тековната војна меѓу Израел и Хамас. Само едно претходно гласање беше успешно, кое минатиот месец повика на воспоставување „хуманитарни паузи и коридори“ во Газа.
Денешното гласање уследи по реткото повикување на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш на член 99 од Повелбата на ОН, што му овозможи да свика состанок на Советот за безбедност за „прашање што може да ги влоши постоечките закани за одржувањето на меѓународниот мир и безбедност“.
Оваа моќна алатка не била користена од 1989 година.