По гласањето, американската амбасадорка во ОН, Линда Томас Гринфилд, изјави дека е потребно повеќе време за да се одржи дипломатијата на теренот и рече дека САД се разочарани што резолуцијата не го споменува правото за самоодбрана на Израел
Соединетите Американски Држави ставија вето на предлог-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) со која се предлага хуманитарна пауза за испорака на помош на цивилите во Појасот Газа.

„За“ резолуцијата предложена од Бразил гласаа 12 земји членки на Обединетите нации, САД гласаа „против“, а Русија и Велика Британија се изјаснија за „воздржани“.
По гласањето, американската амбасадорка во ОН, Линда Томас Гринфилд, изјави дека е потребно повеќе време за да се одржи дипломатијата на теренот.
„Американскиот претседател Џозеф Бајден е во тој регион и се занимава со дипломатијата која ни е потребна“,
рече американската амбасадорка во ОН по гласањето.
Амбасадорката Томас Гринфилд, исто така, рече дека САД се разочарани што резолуцијата, која исто повикува на ослободување на заложниците и го осудува тероризмот и актите на насилство врз цивилите, не го споменува правото за самоодбрана на Израел.
Американското вето на резолуцијата наиде на осуда од директорот на Обединетите нации за човекови права Луис Шарбоно кој оцени оти ветото се случило „во време на масакр без преседан“.
„Со ова тие ги блокираа барањата на кои толку често инсистираат во други контексти – сите страни да го почитуваат меѓународното хуманитарно право, да обезбедат хуманитарна помош, а основните услуги да стигнат до луѓето на кои им се потребни“,
рече Шарбоно за ветото.
Коментирајќи го ветото на САД, амбасадорот на Бразил во ОН рече дека надвладеале тишината и неактивноста и изрази надеж оти „напорите на другите актери ќе дадат позитивни резултати“.
Русија ги обвини САД за „лицемерие и двојни стандарди“, додека кинескиот амбасадор рече дека земјата е шокирана и обесхрабрена од ветото.