„Оваа неодговорна одлука ѝ служи само на пропагандата на Хамас и го забавува мирот. Тоа е шлаканица за жртвите од 7 октомври“, напиша американскиот државен секретар на социјалната платформа Икс
Американскиот државен секретар Марко Рубио во објава на социјалните мрежи соопшти дека Соединетите Американски Држави (САД) „силно“ го отфрлаат планот на францускиот претседател Емануел Макрон за признавање на палестинската држава.

Според ставот што го пренесе Рубио, Вашингтон одлуката ја оценува како неодговорна.
„Оваа неодговорна одлука ѝ служи само на пропагандата на Хамас и го забавува мирот. Тоа е шлаканица за жртвите од 7 октомври“,
напиша Рубио во објавата на социјалната платформа Икс.
The United States strongly rejects @EmmanuelMacron’s plan to recognize a Palestinian state at the @UN general assembly.
— Secretary Marco Rubio (@SecRubio) July 25, 2025
This reckless decision only serves Hamas propaganda and sets back peace. It is a slap in the face to the victims of October 7th.
Претходно во јуни и американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби изјави оти не мисли дека независна палестинска држава останува цел и можно решение за американската надворешна политика.
Незадолство од одлуката на Макрон стигна и од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кој, како и Рубио, наведе дека ваквиот потег „го наградува теророт“ по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година врз Израел, што беше и повод за почеток на војната во Газа.
Претседателот Емануел Макрон вчера на социјалните мрежи објави дека Франција ќе ја признае палестинска држава на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк во септември, што предизвика воодушевување кај Палестинците.
Тој во објавата приложи и писмо до претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас во кое ја потврдува својата одлука.
„Верен на својата историска посветеност на праведен и траен мир на Блискиот Исток, одлучив Франција да ја признае државата Палестина. Ќе го дадам официјалното соопштение на Генералното собрание на Обединетите нации во септември“,
напиша францускиот шеф на државата на Икс и на Инстаграм.
До денес, најмалку 142 земји ја признале палестинската држава, според податоците на АФП.
Итна е потребата денес да се стави крај на војната во Газа и да се спаси цивилното население, нагласи францускиот претседател.
„Конечно мора да изградиме палестинска држава, да ја обезбедиме нејзината одржливост и да обезбедиме дека со прифаќање на нејзината демилитаризација и целосно признавање на Израел, таа придонесува за безбедноста на сите на Блискиот Исток“,
додаде тој.
Објавата на Макрон доаѓа во период кога се погласни се реакциите на Обединетите нации и на светските хуманитарни организации за состојбата на цивилното население во Газа кое се соочува со глад, додека во меѓувреме изгледите за постигнување на мировен договор изгледаат сè подалечни.
Израелските и американските преговарачи вчера одлучија да ги напуштат преговорите за прекин на огнот во Газа што неделава се одржуваа во Катар. Од Вашингтон тврдат дека нивниот тим бил повикан на консултации, истовремено обвинувајќи го Хамас дека „не дејствува со добри намери“ и не покажува знаци дека искрено се залага за мир.
Од Хамас ваквите тврдења ги оценија како изненадувачки, додека пак извори од израелската страна тврдат дека не станува збор за колапс на преговорите.
Во меѓувреме, хуманитарните услови во Газа продолжуваат брзо да се влошуваат. Палестинската агенција на ОН за бегалци (УНРВА) предупредува дека едно од пет деца во градот Газа е неухрането и дека случаите се зголемуваат секој ден, пренесува Би-би-си.