САД предложиле нова рунда трилатерални разговори идната недела во Мајами
Соединетите Американски Држави сакаат мировен договор и крај на војната во Украина до почетокот на летото, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според него, се очекува притисок од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, доколку не се исполни рокот до јуни.
„Тие предлагаат да заврши војната до почетокот на ова лето. Велат дека сакаат да заврши сè до јуни. И ќе сторат сè за да се заврши војната. Сакаат јасен распоред на сите настани“,
рече Зеленски.

Според Зеленски, САД предложиле следната рунда трилатерални разговори да се одржи идната недела во Мајами, Флорида.
„Го потврдивме нашето учество“,
додаде Зеленски.
Наспроти дипломатските напори за крај на војната, руските сили продолжуваат со масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Како што изјави украинскиот министер за енергетика Денис Шмигал, Русија ноќеска започна масовен воздушен напад врз украинските енергетски инфраструктурни објекти насочени кон производство и дистрибуција на електрична енергија.
Употребени биле повеќе од 400 дрона и над 40 ракети од различни типови.
