Петта вечер во ред продолжија судирите меѓу демонстрантите и полицијата во повеќе американски градови и покрај полицискиот час што го објавија властите во 25 града во 16 федерални држави, во обид да се смири гневот предизвикан од смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд по полициска бруталност со расистичка позадина.
Флојд почина како последица на повредите здобиени при апсење, а на видеото кое беше објавено се гледа како полицаец со колено му ја приклештил главата, додека тој моли да биде ослободен бидејќи се задушува.
Претседателот Доналд Трамп вети дека ќе го „запре колективното насилство“ по неколку ноќи немири и вандализам на улиците ширум САД.
Полицијата во Минеаполис каде се случи настанот, употреби солзавец и други средства за да ги растера луѓето што не го почитуваат полицискиот час.
Демонстрантите и полицијата се судрија и во Њујорк, Филаделфија, Лос Анџелес и Атланта, поради што градските власти, како и властите во Мајами и Чикаго, прогласија полициски час.
Доналд Трамп во неколку наврати ја осуди „трагичната“ смрт на Џорџ Флојд и оцени дека насилните демонстранти го срамотат споменот за тој човек.
„Не смееме да дозволиме мала група криминалци и вандали да ги уништат нашите градови“,
рече Трамп, осудувајќи ги „групите на екстремно радикалната левица“ и особено групата „Антифа“.
Гувернерот на Минесота, Тим Волц, исто така, ги осуди дејствата на, како што ги нарече, анархистите кои сеат немири, но и бели расисти.
„Ние сме изложени на напад, а распоредувањето е потребно поради надворешните агитатори кои ја користат смртта на Флојд за да сеат хаос“,
рече тој.
За да ја врати контролата, тој најави мобилизација на 13 000 припадници на Националната гарда и побара помош од Министерството за одбрана, што е првпат по Втората светска војна – Националната гарда да биде ставена во состојба на готовност.
Американскиот државен обвинител Вилијам Бар, исто така, ги обвини екстремистичките елементи кои поттикнуваат насилство, но ниту тој ниту Волц не дадоа докази за нивните тврдења дека политичката опозиција стои зад сето тоа, јави АФП.
Вонредна состојба во 25 града
Како и во Минеаполис, така и на други места, тензиите се зголемуваа. Групи незадоволни граѓани имаше на протести во Далас, Лас Вегас, Сиетл, Мемфис и на други место, дури и во Вашингтон пред Белата куќа. Тие извикуваа „Животите на црнците се важни“ и се соочиja со полицајците опремени со штитови и полиција на коњи пред оградата на Белата куќа.
Во Њујорк беа приведени повеќе од 200 лица, а неколку полицајци се повредени.
Во Бруклин во Њујорк видео покажува како полициско возило влета во толпата демонстранти.
Градоначалникот на Нешвил, во Тенеси, прогласи вонредна состојба, откако демонстрантите ја запалија судницата. Протестите во градот првично беа мирни, но станаа насилни во текот на вечерта, кога демонстрантите започнаа да кршат прозорци на владините згради. Полицијата одговори со солзавец, а гувернерот на Тенеси ја мобилизираше Националната гарда.
Неколку полициски возила беа оштетени во Чикаго, додека најмалку едно е запалено.
Властите во Филаделфија соопштија дека мирните протести ескалирале во насилство, при што најмалку 13 полицајци се повредени и регистрирани се пожари и грабежи во центарот.
Во Тулса, Оклахома, на местото на масакрот на афроамериканците во 1921 година, кога беа убиени до 300 луѓе, демонстранти ги блокираа раскрсниците и го извикуваа името Теренс Крачер, Афроамериканец, кој беше убиен од полицаец во 2016 година.
Во Мајами, Флорида, мирните протести ескалираа во насилство откако демонстранти запалија полициски возила. Според очевидци, полицијата испукала солзавец за да ја растераат толпата.
Во Колумбија, Јужна Каролина, еден локален известувач на ТВ станица беше повреден кога главната полициска станица беше каменувана. Неколку стотици луѓе учествуваа на протестите.
Во Лос Анџелес, полицијата употреби гумени куршуми за да ја растера толпата. Уништено е најмалку едно полициско возило, повредени се пет полицајци, а неколку стотици лица беа приведени за ескалација, палење продавници и грабежи, особено во луксузни продавници во Беверли Хилс.
Демонстрантите сакаат силите за спроведување на законот овојпат да бидат одговорни за насилната неоправдана смрт откриена со видео кое беше споделено во светот.
Флојд ќе биде погребан во Хјустон, неговиот роден град.
Полицаецот кој го уби Флојд, Дерек Шовин е уапсен, но Американците сакаат неговото обвинение да биде за убиство со предумисла и да бидат уапсени тројцата други полицајци кои учествува при апсењето.