Заемот од 20 милијарди долари ќе обезбеди итна поддршка за Украина и ќе биде отплатен преку идните приходи од руските активи запленети од Европската Унија
САД одобрија заем од 20 милијарди долари за Украина, а како дел од програмата за вонредно зголемување на приходите за функционирање на владата на Украина.
Парите ќе бидат распределени преку УСАИД, а во рамките на заложбата на земјите од Г7 за обезбедување вкупно 50 милијарди долари со цел да се одговори на критичните и итни финансиски потреби на Украина, се наведува во денешното соопштение од УСАИД.
„Средствата од овој заем денес ќе бидат префрлени во Фондот за финансиски посредници на Светската банка за зајакнување на финансиските ресурси на Украина, кој ќе служи како доверител и администратор за распределба на заемските придонеси од САД, Канада и Јапонија кон Украина“,
јави УСАИД.
Заемот од 20 милијарди долари ќе обезбеди итна поддршка за Украина и ќе биде отплатен преку идните приходи од руските активи запленети од Европската Унија.
„Овие извонредни приходи ќе се користат за отплата на заемодавците на програмата ЕРА, како што се САД, со цел да се обезбеди помош за Украина, а притоа да се минимизира товарот врз даночните обврзници во САД. Овој заем ќе го искористи приходот од замрзнатите руски суверени средства за да ги покрие штетите предизвикани од Русија“,
се додава во соопштението на УСАИД.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден подготвува и пакет оружје за Украина во вредност од 725 милиони долари, бидејќи претседателот во заминување настојува да ја зајакне владата во Киев пред да ја напушти функцијата во јануари, изјавија денеска двајца американски претставници.
Според официјален претставник запознаен со планот, администрацијата на Бајден планира да обезбеди различни противтенковски системи од американските резерви за да го запре напредувањето на руските трупи, вклучувајќи мини, беспилотни летала, ракети „Стингер“ и муниција за ракетниот систем ХИМАРС, објави Ројтерс.
Пакетот, исто така, се очекува да вклучува касетна муниција што вообичаено се наоѓа во ракетите со воден состав за повеќекратно лансирање (ГМЛРС) истрелани од фрлачите на ХИМАРС, се вели во известувањето во кое Ројтерс имал увид.
