Уредот може правилно да ги идентификува луѓето со ковид-19 во 91 отсто од случаите, а оние што не се заразени точно ги дијагностицира во 99 отсто од случаите

Американската Администрација за храна и лекови (ФДА) даде дозвола за итно одобрување на тест за ковид-19 што се прави преку здив, јави ДПА.
Уредот е приближно со големина на рачен куфер, а лицата кои се тестираат дуваат во цевче како да дуваат балон.
Тестот „InspectOR COVID-19 Breathalyzer“ ги дава резултатите за помалку од три минути врз основа на хемиска анализа и може да се користи, на пример, во ординациите на лекарите или во болниците. Тестот треба да го врши квалификувано, обучено лице под надзор на здравствен работник лиценциран или овластен со државниот закон за издавање тестови.
Уредот може правилно да ги идентификува луѓето со ковид-19 во 91 отсто од случаите, а оние што не се заразени точно ги дијагностицира во 99 отсто од случаите. При тестирањето на апаратот биле опфатени луѓе кои биле со симптоми, но и асимптоматски.
Во соопштението од ФДА се наведува и дека тестот покажа слична чувствителност во последователна клиничка студија фокусирана на варијантата омикрон.