Амбасадорот на Соединетите американски држави (САД) во Косово, Џефри Ховениер денеска во Приштина изјави дека неговата земја не поддржува ниту „голема Албанија“, ниту „голема Србија“, објави ТВ „Н1“.
На средба со новинарите тој рече дека САД го поддржуваат територијалниот интегритет и суверенитет на секоја земја од западен Балкан.
фото: архива
„Соединетите американски држави не поддржуваат „голема Албанија“ или „голема Србија“ ниту прекројување на државните граници на Балканот. Секој обид да се направи тоа би бил контрапродуктивен и дестабилизирачки. САД силно го поддржуваат територијалниот интегритет на сите земји од западен Балкан вклучително и Косово“,
изјавил Ховениер.
Ваквата реакција на американскиот дипломат доаѓа по настаните за време на посетата на косовскиот премиер Албин Курти на Северна Македонија. Тие резултираа со прекршочни пријави за градоначалниците на општините Чаир и Тетово, Висар Ганиу и Биљал Касами за непочитување на државните симболи при посетата на косовскиот премиер Курти.
Неофицијалната посета се одржа во петокот. Во Општина Чаир, Курти присуствуваше на преименување на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“. Во Тетово, пак, беше пречекан со целодневни активности и со настан на градскиот плоштад на кој се вееја многу знамиња на Република Албанија, како и знаме со картата на т.н. „голема Албанија“. Во Тетово, Курти го пречекаа градоначалникот и лидер на Движењето БЕСА, Биљал Касами, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, и претседателот на новоформираната партија Демократско движење, Изет Меџити. Ова силно ја разбранува јавноста, а власта и опозицијата со денови се расправаа чија е одговорноста за случувањата во Чаир и во Тетово.