Министерката изјави дека американската администрација била јасна во своите барања дека сака целосна промена на сопственоста на НИС, односно целосно повлекување на рускиот удел во компанијата
Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ, денеска соопшти дека Соединетите Американски Држави (САД), кои воведоа санкции врз Нафтената индустрија на Србија (НИС) поради мнозинското руско сопствеништво, не дозволуваат НИС да продолжи со работа ниту еден ден повеќе, пренесуваат српските медиуми.

На вонредна прес-конференција, Ѓедовиќ-Хандановиќ рече дека властите во Србија добиле одобрение во однос на преговорите за сопственоста на компанијата, но не и НИС и рафинеријата да продолжат со работа, пренесе агенцијата Бета.
Министерката изјави дека американската администрација била јасна во своите барања дека сака целосна промена на сопственоста на НИС и целосно повлекување на руското сопствеништво од компанијата.
„Јасно е оти не е можно да се промени сопственоста дури ни за седум дена. Како министерка за енергетика, ќе кажам дека се соочуваме со тешки одлуки дали да ја преземеме компанијата, а потоа да ја надоместиме штетата“,
рече таа.
Додаде дека знае оти претседателот Вучиќ рекол дека е против национализација, но и дека нема да дозволат Србија и нејзините граѓани да бидат загрозени.
Србија оваа недела, поточно на 11 ноември, соопшти дека руските компании „Газпром нефт“ и „Газпром“, кои заедно имаат контролен удел од 56 проценти во единствената рафинерија за нафта во Србија, испратиле барање до Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАЦ) при Министерството за финансии на САД, изразувајќи ја својата подготвеност да ја отстапат контролата врз компанијата на трета страна.
За потсетување, Соединетите Американски Држави, односно ОФАЦ воведе санкции врз рускиот нафтен сектор, вклучувајќи го и „Газпром“, во јануари годинава, но тие беа одложени неколку пати врз НИС и конечно стапија во сила на 8 октомври.
„Американското министерството за финансии му даде рок од три месеци на НИС за неговите сопственици да најдат купувач“,
изјави министерката Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ за ТВ Лајф.
Поради санкциите на Соединетите Американски Држави (САД) насочени кон НИС, протокот на сурова нафта во Србија е во прекин.

За потсетување, САД ги воведоа санкциите за да спречат финансирање на инвазијата што ја започна Москва против Украина во февруари 2022 година.
Преговорите за судбината на НИС сè уште се во тек – со Русија како мнозински сопственик и со САД, кои воведоа санкции.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, уште во јануари ја отфрли можноста за национализација на НИС, односно најголемата нафтена компанија во Србија повторно ќе биде под државна капа, но во изјава за РТС на 23 октомври изјави дека државата ќе преземе чекори кога ќе се јават проблеми со снабдувањето со енергенти.
Руски „Газпром нефт“ поседува 44,9 проценти, а „Газпром“ 11,3 проценти од акциите во НИС. Српската влада поседува 29,9 проценти од акциите, а остатокот е во сопственост на мали акционери и вработени.
