„Реалноста е дека санкционираните танкери за нафта претставуваат главен економски спас за Мадуро и неговиот нелегитимен режим. Санкционираните танкери, исто така, ја финансираат наркотерористичката група ‘Картел де лос солес‘“, рече Волц во Советот на ОН
Соединетите Американски Држави (САД) вчера во Обединетите нации (ОН) соопштија дека ќе спроведат максимални санкции, со цел да ги ускратат финансиските и економските ресурси на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговиот наркокартел, пренесува Ројтерс.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп изминатите месеци спроведува кампања за напади врз бродови покрај венецуелскиот брег и брегот на Пацификот во Латинска Америка, за кои постои сомневање дека се вмешани во трговија со дрога.
Американскиот амбасадор во ОН, Мајк Волц, на седница на Советот за безбедност на ОН рече дека најсериозната закана за САД доаѓа од транснационалните терористички и криминални групи.
„Реалноста е дека санкционираните танкери за нафта претставуваат главен економски спас за Мадуро и неговиот нелегитимен режим. Санкционираните танкери, исто така, ја финансираат наркотерористичката група ‘Картел де лос солес‘“,
кажа тој во Советот на ОН.
Кон крајот на минатиот месец, Вашингтон го прогласи „Картел де лос солес“ или „Картел на Сонцето“, како странска терористичка организација поради неговата наводна улога во увозот на дрога во САД.
Во исто време, следуваа обвинувања и дека Мадуро е предводник на картелот.
Венецуелската влада ги нарече таквите тврдења смешни, посочувајќи дека картелот за кој зборува САД е непостоечки.
Венецуела, со поддршка на Русија и Кина, побара свикување на седницата на Советот на ОН поради ескалацијата на тензиите.
„Нека биде јасно еднаш засекогаш дека нема војна на Карибите, нема меѓународен вооружен конфликт, ниту, пак, локален, поради што е апсурдно што американската влада се обидува да ги оправда своите дејствија со примена на правилата на војната. Венецуела не е закана, туку тоа е американската влада“,
изјави венецуелскиот амбасадор во ОН, Самуел Монкада.
