По неколкугодишен прекин, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден повторно ќе ја воспостави програмата која ќе ги олесни процедурите за имиграција за членовите на исто семејство, ќе ги укине ограничувањата за трансферот на пари во Куба, а ќе се зголеми бројот на летови меѓу САД и Куба
Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, наведе дека мерките објавени во текот на вчерашниот ден се со цел да се поддржи кубанскиот народ, да им се дадат алатки со кои ќе можат да создадат живот слободен од репресија на кубанската влада, но и да бараат подобри економски можности

САД информираа за чекори што ќе доведат до промени во политиката кон Куба, односно укинување на низата рестрикции поврзани со земјата, кои се однесуваат на процедурите за имиграција, трансферот на пари и воздушните врски, а кои беа воведени во времето кога Доналд Трамп беше претседател.
По неколкугодишен прекин, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден повторно ќе ја воспостави програмата која ќе ги олесни процедурите за имиграција за членовите на исто семејство, ќе ги укине ограничувањата за трансферот на пари во Куба, а ќе се зголеми бројот на летови меѓу САД и Куба.
Оваа најава е резултат на ревизијата на американската политика кон комунистичкиот режим иницирана од Бајден.
Кога станува збор за трансфери на пари, САД ќе го укинат кварталниот лимит од 1 000 долари по глава на жител, кој досега беше дозволен да се испраќа во Куба, а ќе им биде дозволено да испраќаат пари надвор од рамките на семејството. Максимумот од 1 000 долари по глава на жител го воведе поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој за време на неговиот мандат презеде низа мерки против Куба.
Покрај одобрувањето на зголемениот број летови за Куба, администрацијата на Бајден ќе одобри и некои групни патувања кои во моментов се забранети.
Сепак, финансиските санкции наметнати на кубански поединци или субјекти остануваат во сила, соопшти американската администрација.
Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, наведе дека мерките објавени во текот на вчерашниот ден се со цел да се поддржи кубанскиот народ, да им се дадат алатки со што ќе можат да создадат живот слободен од репресија на кубанската влада, но и да бараат подобри економски можности.
