Бројката на смртни случаи поврзани со ковид-19 во САД надмина 70 илјади. Со последната статистика пријавена од 1.862 починати лица, бројката изнесува вкупно 71.783.
Досега во САД се дијагностицирани 1 милион и 230 илјади заболени со новиот коронавирус, а само 18 илјади заболени беа пријавени во последните 24 часа. Од вкупната бројка на заразени излекувани се 198 илјади пациенти.
Последната статистика за состојбата во светот со ковид-19 регистрира 3 милиони и 711 илјади заболени лица, од кои излекувани се 1 милион и 235 илјади, а починати се вкупно 257 илјади.
Најмалку 12 земји, вклучувајќи ги Германија, Италија и Шпанија, почнаа да ги ублажуваат рестриктивните мерки, воведени со цел да се спречи ширењето на новиот коронавирус, што претставува еден вид тест кој треба да покаже дали може да се спаси економијата, а животот на граѓаните да не биде загрозен.
Во Германија еден дел од децата се вратија на училиште. Во земјата, каде се потврдени 166 илјади заразени и 6.993 смртни случаи, се отворени зоолошките градини, музеите, фризерските салони, кои беа затворени кон средината на март.
Шпанија полека го враќа нормалниот живот. Прво се отворени малите продавници и фризерските салони. Франција се подготвува да започне со ублажување на рестриктивните мерки од 11 мај.
Во Италија која беше епицентарот на епидемијата во Европа, досега се регистрирани 213 илјади заболени, од кои 29 илјади починаа, а 85 илјади се излекувани.