„За жал, неодамнешните активности и изјави на привремениот премиер Курти претставуваа предизвици за напредокот постигнат во текот на многу години“, велат од Амбасадата на САД во Приштина

Соединетите Американски Држави го суспендираа на неодредено време планираниот стратешки дијалог со Косово, соопшти Амбасадата на САД во Приштина. Прекинот, како што се наведува во соопштението објавено на фејсбук-страницата на Амбасадата, е поради „загриженоста во врска со активностите на привремената влада“.
Амбасадата смета дека активностите ги зголемиле тензиите и нестабилноста, ограничувајќи ги можностите на Соединетите Американски Држави продуктивно да работат со Косово на заеднички приоритети.
„Остануваме посветени на унапредување на заедничките интереси што ги споделуваат Соединетите Американски Држави и народот на Косово. Нашиот однос со Косово се заснова на заедничка цел: зајакнување на мирот и стабилноста како основа за меѓусебен економски просперитет. За жал, неодамнешните активности и изјави на привремениот премиер Курти претставуваат предизвик за напредокот постигнат многу години наназад“,
се додава во соопштението.
Стратешкиот дијалог, додаваат оттаму, имаше за цел да ги зајакне економските и дипломатските врски во корист на американскиот и косовскиот народ.
„Се надеваме дека ќе продолжиме со вакви напори во иднина кога ќе биде соодветно. Знаеме дека ова е приоритет на народот на Косово“,
се наведува во соопштението на американската амбасада во Приштина.