За бебињата кои нема да ја примат вакцината при раѓање, започнувањето на имунизацијата се препорачува најрано на возраст од два месеца

Американскиот Советодавен комитет за имунизација (ACIP), кој им препорачува на Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) кои вакцинални упатства да ги прифатат, денеска изгласа да се укине долгогодишната препорака сите новороденчиња во САД да ја примаат вакцината против хепатитис Б веднаш по раѓањето, пишува Би-би-си.
Повеќе децении американските здравствени власти препорачуваа секое новороденче да биде вакцинирано против оваа инфекција на црниот дроб уште првиот ден. Вакцината се смета за значајна јавноздравствена мерка која спречила илјадници заболувања.
Но комитетот, кој работи под надлежност на министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди Јуниор, изгласа препораката за доза при раѓање да важи само за бебиња чии мајки се позитивни на вирусот или кога нивниот статус е непознат. За сите други новороденчиња, одлуката ќе ја донесуваат родителите во консултација со педијатар.
За бебињата кои нема да ја примат вакцината при раѓање, започнувањето на имунизацијата се препорачува најрано на возраст од два месеца.
Некои членови на комитетот сметаат дека повеќето новороденчиња имаат многу низок ризик од инфекција и дека досегашните студии за потенцијални долгорочни штетни ефекти биле премали и неадекватни. Многубројни медицински организации предупредија дека ваквата одлука се темели на шпекулации и дека ќе доведе до зголемување на инфекциите кај децата.
В.д. директорот на ЦДЦ, Џим О’Нил, треба дополнително да одлучи дали ќе ја прифати препораката.
