Вашингтон бара Иран никогаш да не се обидува да се здобие со нуклеарно оружје, да го предаде целото збогатено нуклеарно гориво на датум утврден од страните, како и да бидат демонтирани неколку клучни нуклеарни објекти и инсталации

САД му доставиле на Иран план од 15 точки за ставање крај на конфликтот, пренесуваат светските медиуми.
Израелскиот „Канал 12“, цитирајќи три извори, пишува оти САД бараат едномесечно примирје за да разговараат за планот од 15 точки.
Меѓу 15-те точки, првите пет се однесуваат на нуклеарниот сектор. Вашингтон бара Иран никогаш да не се обидува да се здобие со нуклеарно оружје, да го предаде целото збогатено нуклеарно гориво на датум утврден од страните, како и да бидат демонтирани неколку клучни нуклеарни објекти и инсталации.
Иран ќе треба исто така да се откаже од поддршката за групи и да престане да финансира или вооружува организации како Хезболах или Хамас. Предвидени се и ограничувања за бројот на ракети со кои земјата може да располага, како и за нивниот дострел.
Дополнително, Ормускиот Теснец низ кој минуваат околу 20 проценти од светските испораки на фосилни горива, ќе мора да остане отворен за пловидба.
Според весникот „Њујорк Тајмс“ и израелскиот „Канал 12“, администрацијата на Доналд Трамп своите барања го Иран ги доставила преку посредство на Пакистан, кој одржува добри односи со двете страни.
Во написот на „Њујорк тајмс“ се вели дека не е познато колку детален план им бил презентиран на иранските претставници.
Портпаролот на иранските вооружени сили за планот на САД вели дека Американците всушност преговараат сами со себе додавајќи „Некој како нас никогаш нема да се смири со некој како вас“.
Коментарите доаѓаат откако Доналд Трамп рече дека Иран „толку очајно“ сака договор и дека им дал на САД „многу голем подарок вреден огромна сума пари“.
