Проверките се однесуваат на евентуално пречекорување на рокот на престој на визата, криминална активност, закана за јавната безбедност, вклучување во каква било форма на терористичка активност или давање поддршка на терористичка организација, објаснуваат од Стејт департментот
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе ги проверува податоците на повеќе од 55 милиони лица кои имаат важечки визи во САД. Целта е да се утврди дали постојат одредени прекршувања што би можеле да доведат до поништување на визата или депортација, пренесува „Асошиејтед прес“.
Тоа би значело дека сите иматели на американски визи, вклучително и туристи од многу земји, се предмет на „континуирани проверки“ кои утврдуваат каква било индикација дека тие се неподобни за добивање дозвола за влез или престој во Америка.
„Ги прегледуваме сите достапни информации како дел од процесот на проверка, вклучително и евиденцијата од органите за спроведување на законот или имиграциските служби, како и какви било други информации што ќе излезат на виделина по издавањето на визата и укажуваат на можна неподобност,“
наведуваат од Стејт департментот.

Во објаснувањето од Стејт департментот се наведува дека проверките ќе се однесуваат на евентуално пречекорување на рокот на престој на визата, криминална активност, закана за јавната безбедност, вклучување во каква било форма на терористичка активност или давање поддршка на терористичка организација.
Прегледот на податоците на сите носители на визи ќе ги вклучи и профилите на социјалните мрежи, полициските и имиграциските евиденции во нивните земји, како и можните прекршувања на американските закони додека се во САД.
А доколку се откријат такви информации, нивните визи ќе бидат поништени и тие ќе бидат депортирани.
Американските медиуми наведуваат дека овој чекор значи заострување на мерките против странците на кои им е дозволено да останат во САД. Откако претседателот Доналд Трамп ја презеде функцијата, неговата администрација се фокусираше на депортирање на нелегални имигранти во САД, како и на иматели на студентски визи.
Стејт департментот претходно оваа недела објави дека од враќањето на Трамп во Белата куќа, повеќе од 6.000 студентски визи се одземени поради пречекорување на рокот на престој или поради кршење на локалните, државните и федералните закони, како што се напад, возење под дејство на алкохол или дрога и поддршка на тероризмот.