САД ќе им поделат 60 милиони вакцини на „Астра Зенека“ на други земји во наредните месеци откако ќе завршат федералните безбедносни проверки. Државата има огромна резерва на вакцини од овој производител, иако регулаторите сѐ уште ја немаат одобрено нејзината употреба. Владата беше критикувана дека трупа резерви додека вакцините им се неопходни на некои земји.
Минатиот месец Џо Бајден одобри четири милиони дози да бидат испорачани во Канада и Мексико, а притисокот врз неговата администрација се засили особено по големата криза со коронавирусот во Индија.
„Агенцијата за храна и лекови ќе направи брза проверка на квалитетот на вакцините пред да бидат извезени. Дополнително ќе соопштиме кој ќе ги прими вакцините“,
изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.
САД досега ги одобрија вакцините на „Фајзер“, „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, при што 53% од возрасните жители веќе имаат примено најмалку една доза.