Според американските медиуми, Трамп се очекува денеска да потпише наредба со која ќе им нареди на сите владини агенции, во соработка со Одделот за владина ефикасност, на чело со Илон Маск да ја намалат работната сила и да го ограничат вработувањето на клучни позиции
Технолошкиот магнат Илон Маск, кој раководи со Одделот за ефикасност на владата смета дека без кратења на федералните трошоци, Соединетите Американски Држави (САД) одат кон банкрот.

„Имаме дефицит од два трилиони долари и ако не преземеме нешто за тој дефицит, земјата ќе банкротира“,
рече тој во Белата куќа во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп, пак, изминатите недели објави низа наредби насочени кон намалување на федералните трошоци.
Според американските медиуми, Трамп се очекува денеска да потпише наредба со која ќе им нареди на сите владини агенции, во соработка со Одделот за владина ефикасност, на чело со Илон Маск, да ја намалат работната сила и да го ограничат вработувањето на клучни позиции.
Трамп веќе најави дека Одделот со која раководи Маск открил злоупотреба на милијарди долари, во како што рече, измами и расипништво, за што ја обвини претходната американска влада.
„Останува уште многу да се истражи“,
рече Трамп.
Опозициската Демократска партија во САД ги осудува постапките на Маск, сметајќи ги за незаконски бидејќи милијардерот нема изборен мандат за Одделот со кој раководи ниту е официјално член на владата.
Пред неколку дена Трамп во интервју за Фокс њуз изјави дека очекува Илон Маск да открие измами и злоупотреби на милијарди долари во Пентагон, како дел од ревизијата што ќе ја спроведе Одделот за владина ефикасност што тој го предводи.
