Официјални лица рекоа дека денешната размена не е почеток на поширок дипломатски дијалог со Русија, што значи дека судбината на другите Американци кои моментално се притворени во Русија, вклучително и кошаркарката Бритни Гринер, која освои два златни олимписки медали, е нејасна
САД и Русија денеска преку Турција разменија двајца нивни државјани кои се осудени на повеќегодишна затворска казна во Вашингтон и во Москва, а ги продолжуваат преговорите за ослободување и на другите затвореници.
Рускиот државјанин, пилотот Константин Јарошенко и американскиот државјанин, поранешниот маринец Тревор Рид, се вратија во своите земји.

Според руското Министерство за надворешни работи, Јарошенко во 2010 година бил осуден на 20 години затвор откако ги „провоцирал американските разузнавачки служби“, бил уапсен во Либерија и суден во Њујорк поради намера да шверцува дрога.
„За време на неговата 12-годишна затворска казна, Јарошенко беше изложен на дискриминација и понижувачки третман, вклучително и одбивање на соодветна медицинска нега“,
се вели во соопштението.
Соединетите држави изразија интерес да го разменат Рид, кој во Русија беше осуден за „пијанство, разврат и отпор кон полицијата“ на девет години затвор, од кои издржа „помалку од две“, а американските медиуми го прикажуваат како „ жртва“.
Рид дошол во Москва во 2019 година „да научи руски и да ја посети својата девојка Русинка“, објави Би-би-си. По една ноќна забава, пијан бил приведен од двајца полицајци. Додека го возеле до полициска станица, тој наводно го грабнал полицаецот што возел, поради што при свртувањето со лакт удрил друг полицаец кога тј се обидел да интервенира. Тој на судењето изјави дека не се сеќава на инцидентот.
Неговите родители минатиот месец протестираа пред Белата куќа, по што следуваше средба со Бајден.
Размената на затворениците се случи преку Турција, откако Бајден му ја ублажи казната на Јарошенко.
Официјални лица рекоа дека денешната размена не е почеток на поширок дипломатски дијалог со Русија и дека наместо тоа, тие ќе се фокусираат на „низа дискретни прашања во врска со затворениците“.
Тоа значи дека судбината на другите Американци кои моментално се притворени во Русија, вклучително и кошаркарката Бритни Гринер, која освои два златни олимписки медали, е нејасна.