Според најавите, иранската делегација на денешните разговори во Оман, ќе ја предводи министерот за надворешни работи на земјата Абас Аракчи, додека од американската страна треба да учествуваат специјалниот претставник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер
Високи американски и ирански претставници денеска се очекува да се состанат во Оман на разговори за нуклеарната програма на Техеран, пренесуваат светските медиуми. Преговорите, како што наведува Би-би-си, доаѓаат по зголемувањето на американското воено присуство на Блискиот исток, како одговор на насилното задушување на антивалдините протести во Иран, минатиот месец, во кои според групите за човекови права се убиени илјадници луѓе.

Неизвесноста околу локацијата и обемот на разговорите, кои се дел од дипломатските напори на регионалните медијатори за деескалација на тензиите, го доведе во прашање нивното одржување, но надежта е дека доколку бидат успешни, можат да доведат до рамка за понатамошни преговори.
Соединетите Американски Држави (САД), кои бараат од Иран да ја запре својата нуклеарна програма и да ги уништи залихите од збогатен ураниум, соопштија дека разговорите треба да бидат проширени и на балистичките ракети на иранските сили, како и на поддршката на земјата за вооружените групи во регионот и нејзиниот третман на своите граѓани.
Од друга страна, Иран инсистира разговорите да бидат ограничени на нуклеарната програма на земјата. Засега не е јасно дали во пресрет на најавената средба за денеска, овие разлики се надминати и разрешени.
Во последните недели, американскиот претседател Доналд Трамп се закани со воена интервенција врз Иран, доколку не се постигне договор. САД испратија илјадници војници, вклучително и носач на авиони, придружен со други воени бродови и борбени авиони, што Трамп ги нарече „една прекрасна армада“.
Техеран реагираше со закана дека доколку се случи напад ќе одговори со сила, притоа наведувајќи дека освен американските сили на Блискиот Исток, цел на нивниот одговор ќе биде и Израел.
Според најавите, иранската делегација на денешните разговори во Оман, ќе ја предводи министерот за надворешни работи на земјата Абас Аракчи, додека од американската страна треба да учествуваат специјалниот претставник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.

Инаку, станува збор за прва средба на која ќе учествуваат американски и ирански претставници од војната меѓу Израел и Иран минатиот јуни, кога САД ги бомбардираа трите главни нуклеарни објекти на Иран.
Техерна тврди дека неговата активност за збогатување ураниум престанала по нападите.
Според проценките на Би-би-си, разговорите би можеле да бидат последна шанса да се спречи воена акција на САД што дополнително би го дестабилизирала режимот во Техеран, за кој аналитичарите велат дека е во најслаба позиција откако дојде на власт по Исламската револуција во 1979 година.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во вторникот изјави дека му наложил на шефот на дипломатијата Абас Аракчи да спроведе фер и правични преговори со САД, под услов да се обезбеди соодветна средина.
На разговорите се очекува официјален Иран да побара укинување на санкциите што ја осакатија економија на зеемјата, додека, пак противниците на режимот велат дека секое олеснување би значело спас за актуелната власт.
Во меѓувреме, кај земјите од регионот постои загриженост дека евентуален американски напад биле можел да доведе до поширок конфликт и долгорочен хаос во Иран. Тие предупредуваат дека евентуални воздушни напади врз Иран не би биле доволни за соборување на актуелното иранско политичко раководство.
На прашањето дали врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, треба да биде загрижен, Трамп во средата за Ен-би-си њуз изјави:
„Би рекол дека треба да биде многу загрижен. Да, треба да биде“,
рече Трамп.
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, рече дека дискусиите ќе мора да одат подалеку од нуклеарното прашање за да се постигне „нешто значајно“.
„Не сум сигурен дека можете да постигнете договор со овие луѓе, но ќе се обидеме да откриеме. Не гледаме никаква штета во обидот да откриеме дали има нешто што може да се направи“,
рече тој.
Разговорите, првично беа планирани да се одржат во Истанбул, но Иран во последен момент побара промена на локацијата, односно тие да се бидат во Оман, кој беше домаќин на дискусиите минатата година, и на нив да учествуваат само ирански и американски претставници.
