Американскиот државен секретар рече дека САД и Ерменија се сè посилни партнери, додавајќи оти смета дека тоа е добро како за двете земји така и за регионот и пошироко
Соединетите Американски Држави (САД) и Ерменија потпишаа договор за стратешко партнерство, кој предвидува проширување на соработката меѓу двете земји во безбедноста и неколку други области.

Документот е потпишан вчера во Стејт департментот во Вашингтон од страна на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан.
„Соединетите Држави работат со Ерменија на безбедноста и одбраната, а особено за да ги поддржат нејзините напори да ги потврдат независноста и суверенитетот над сопствената територија“,
рече Блинкен на церемонијата на потпишувањето, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Американскиот државен секретар рече дека САД и Ерменија се сè посилни партнери, додавајќи оти смета дека тоа е добро како за двете земји така и за регионот и пошироко.
Тој го опиша договорот како пресвртница во соработката меѓу двете земји во областите на одбраната, безбедноста, економијата и демократизацијата.
Блинкен најави дека во наредните недели, тим на американската царина и гранична патрола ќе отпатува во Ерменија за да работи со ерменските партнери за развивање на граничните безбедносни капацитети.
Покрај тоа, договорот предвидува САД да започнат преговори со Ерменија за цивилна нуклеарна соработка, а Ереван формално ќе се приклучи на коалицијата предводена од САД во напорите за ставање крај на терористичката група „Исламска држава“.
Инаку, Ерменија формално е сојузник на Русија преку Организацијата на договорот за колективна безбедност (ЦСТО) предводена од Москва, која има воена база во Ерменија. Но, односите меѓу двете земји се влошија поради, како што тоа го нарече Ереван, неуспехот на Русија да обезбеди доволна помош кога Азербејџан го зазеде регионот Нагорно-Карабах во 2023 година, принудувајќи околу 100 000 етнички Ерменци на напуштање на своите домови.
Американскиот државен секретар тогаш се обиде да посредува во постигнување траен мир меѓу Ерменија и Азербејџан, но неуспешно. Шефот на ерменската дипломатија, Мирзојан ги поздрави таквите напори, велејќи дека Ерменија ја цени „непоколебливата поддршка на Соединетите Држави за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Ерменија“.
„Ние веруваме дека стабилен и просперитетен Јужен Кавказ е во интерес на сите регионални актери и на пошироката меѓународна заедница“,
рече Мирзојан на церемонијата на потпишување на договорот за стратешко партнерство.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пак вчера изјави дека партнерството на Русија со Ерменија е позитивно за Ереван, додека САД „никогаш не одиграле стабилизирачка улога во Јужен Кавказ“.
Песков рече дека односите со Русија нудат „значајни дивиденди за Ерменија и нејзиниот народ“ кои, како што додаде, Москва има намера дополнително да ги развива.