Во соопштението земјите потписнички го осудуваат, како што се вели, прогонот од страна на руските власти против независните новинари и медиумите
Стејт департментот вчера објави соопштение во име на САД и десетина членки на Коалицијата за слобода на медиумите, каде што е вклучена и Македонија, во кое се критикуваат руските власти за „зголемување на угнетувањето врз независните новинари и медиуми“, што, како што се наведува, е изразено преку Законот за странски медиумски агенти.
„Долупотпишаните членки на Коалицијата за слобода на медиумите изразуваат длабока загриженост за зголеменото вознемирување од страна на руската влада на независните новинари и медиуми во Русија. Слободата на медиумите е од витално значење за ефективно функционирање на слободните и отворени општества, а исто така е од суштинско значење за заштита на човековите права и основните слободи“,
се вели во соопштението објавено од Стејт департментот.
Покрај САД, овој документ го потпишаа и Австралија, Канада, Чешка, Франција, Германија, Грција, Исланд, Латвија, Литванија, Холандија, Нов Зеланд, Северна Македонија, Словачка, Словенија, Украина и Велика Британија.
Во соопштението земјите потписнички го осудуваат, како што се вели, прогонот од страна на руските власти против независните новинари и медиумите.
„Ја повикуваме Руската Федерација да се придржува кон нејзините меѓународни обврски и обврски за човековите права и да ја почитува и гарантира слободата на медиумите и безбедноста на новинарите. Ја повикуваме руската влада да престане со репресијата на независните гласови, да ги прекине политички мотивираните постапки против новинарите и медиумските организации и да ги ослободи сите кои се неправедно приведени“,
се вели во документот.
Во овој поглед, САД и Коалицијата забележуваат дека само за Радио Слободна Европа се поднесени 600 обвинувања за прекршување на Законот за странски медиумски агенти, што резултирало со казни во вкупна вредност од над 4,4 милиони долари и со тоа медиумот се става во ризик од банкрот.
На крајот од Коалицијата за слобода на медиумите му честитаат на Дмитриј Муратов, главен и одговорен уредник на „Новаја газета“, за добивањето на Нобеловата награда за мир во 2021 година и нагласуваат дека оваа награда ја нагласува важноста на работата на сите независни новинари и медиумски работници во Руската Федерација.