Според него, јасно оти Трамп има желба да го освои Гренланд, но верува дека денешната средба успеала да ја промени американската позиција. На денешната средба посочи дека јасно ставивиле до знаење дека тоа не е во интерес на Гренланд
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд денеска во Белата куќа имаа средба со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и со државниот секретар Марко Рубио, пренесува Би-би-си.
Овие дипломатски средби следуваат откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно се закани со преземање контрола врз овој стратешки важен арктички остров.

На прес-конференција во данската амбасада во Вашингтон, Расмусен рече дека состанокот следел по серија значајни јавни изјави за Гренланд, а целта била да се најде заеднички начин за зајакнување на безбедноста на Арктикот.
Состанокот го опиша како искрен, но и конструктивен.
Сепак, како што пренесува Би-би-си, од нивните изјави јасно е дека не ја убедиле администрацијата на Трамп да се откаже од барањето за припојување на Гренланд кон САД.
Министрите по состанокот рекоа дека останува фундаменталното несогласување, додавајќи дека нивната црвена линија е територијалниот интегритет на Гренланд.
„Ставовите на САД и Данска за иднината на Гренланд се разликуваат. Сè уште имаме фундаментално несогласување, но ќе ги продолжиме разговорите“,
кажа Расмусен.
Посочи дека Гренланд, преку Данска, е членка на НАТО и е опфатен со Член 5, кој предвидува колективна одбрана во случај на напад врз една членка.
„Данска е подготвена да соработува со САД“,
рече тој.
Најави формирање работна група, како што посочи, на високо ниво заедно со САД, која ќе испита дали е можно двете земји да најдат заедничко решение.
Според него, тоа тело се очекува да се состане за неколку недели.
Повтори дека можноста САД да го преземат Гренланд „апсолутно не е неопходна“.
„Нема непосредна закана од Кина и Русија со која Данска и Гренланд не можат да се справат“,
вели тој.
Во моментов, како што рече, нема кинеско присуство во Гренланд и ги отфрли можностите дека тоа може да биде случај за 10 или 20 години.
Расмусен рече дека е јасно оти Трамп има желба да го освои Гренланд, но верува дека денешната средба успеала да ја промени американската позиција.
„Многу јасно ставивме до знаење дека тоа не е во интерес на Гренланд“,
рече тој.
Според Мотцфелд, САД и Гренланд треба да се вратат на нормализираниот однос што го имале претходно.
„Ние сме сојузници, ние сме пријатели“,
рече таа.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, зборувајќи пред новинарите на темата рече:
„Ќе видиме што ќе се случи со Гренланд“.
Повтори дека на САД им е потребен Гренланд од причини поврзани со националната безбедност.
„Гренланд е многу важен за националната безбедност, вклучително и за безбедноста на Данска. Проблемот е што Данска не може ништо да направи ако Русија или Кина сакаат да го земат Гренланд, додека ние можеме да направиме сè. Тоа го научивме минатата недела со Венецуела. Не можам да се потпрам на тоа дека Данска ќе може да се одбрани“,
кажа тој.
