Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, изјави дека воведувањето санкции врз тројца внуци на сопругата на Мадуро, како и врз голем број фирми и бродови, е во насока на справување со, како што кажа, диктаторското и брутално владеење на претседателот на Венецуела
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови санкции за уште шест брода за кои тврди дека превезуваат нафта од Венецуела, јавуваат светските медиуми. Одлуката на Белата куќа доаѓа еден ден откако војската на САД заплени танкер во близина на брегот на Венецуела.

Санкции, пренесува Би-би-си, се воведени и против блиски членови на семејството на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, како и врз фирми, кои според тврдењата на Вашингтон, се блиски до, како што го нарекуваат, неговиот нелегитимен режим.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, синоќа на прес-конференција изјави дека запленетиот брод, наречен „Скипер“, бил вкулучен во „нелегален превоз на нафта“ и ќе биде пренесен до едно од американските пристаништа.
Официјален Каракас потегот на САД го оцени како чин на „меѓународно пиратство“.
Според агенциите, последните случувања на релација Вашингтон – Каракас означуваат ескалација на кампањата на САД против венецуелскиот претседател Мадуро, откако десетици луѓе беа убиени во акции на американската војска врз бродови во регионот на Карибите, за кои Вашингтон тврди дека превезуваат дрога во САД.
Додека администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, тврди дека Венецуела внесува наркотици во САД, латиноамериканската земја, која поседува една од најголемите резерви на нафта во светот, го обвини Вашингтон дека се обидува да воспоставува контрола врз нејзините ресурси и да ја украде нафтата.
Венецулескиот претседател Николас Мадуро, говорејќи во тој контекст, во средата изјави дека Венецуела никогаш нема да стане „нафтена колонија“ на САД.
Од друга страна, портпаролката на Белата куќа вчера изјави дека САД се постветени на, како што кажа, запирање на протокот на нелегални дроги во земјата, како и на спроведување санкции.
Таа не даде коментар на новинарските прашања дали Соединетите Држави планираат заплена на нови бродови што превезуваат нафта од Венецуела.
„Нема да стоиме настрана и да гледаме како санкционираните бродови пловат по морињата со нафта од црниот пазар и чии приходи го поттикнуваат наркотероризмот на одметнатите и нелегални режими низ целиот свет“.
рече Левит.
Портпаролката додаде дека плнираат да ја запленат нафтата што ја превезувал бродот „Скипер“, откако ќе биде спроведена соодветна правна постапка.
Левит, исто така, изјави оти Трамп воопшто нема да биде загрижен доколку рускиот претседател Владимир Путин го повика својот венецуелски колега во текот на денот за да му ја понуди поддршката на Москва „во услови на зголемен надворешен притисок“.
Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, нешто подоцна, по прес-конференцијата на Левит, изјави дека воведувањето санкции врз тројца внуци на сопругата на Мадуро, како и врз голем број фирми и бродови, е во насока на справување со, како што кажа, диктаторското и брутално владеење на претседателот на Венецуела.
Бесент во објава на социјалната платформа Икс напиша дека администрацијата на Трамп го смета режимот на Мадуро и на неговите поддржувачи за одговорни за континуирани злосторства.
За потсетување, Белата куќа во средата објави драматични видеоснимки од запленувањето на бродот „Скипер“, а кои покажуваат како војници во полна опрема се спуштаат на бродот од хеликоптер и се движат по неговата палуба со вперено оружје.

Владата на Венецуела остро го осуди запленувањето, а Мадуро рече дека САД „го киднапирале екипажот“ и го „украле“ бродот.
„Тие воведоа нова ера, ера на криминално поморско пиратство на Карибите“,
изјави венецуелскиот претседател во говорот одржан вчера.
Министерот за внатрешни работи на Венецуела, Диосдадо Кабело, ги нарече САД „убијци, крадци, пирати“ и го обвини Вашингтон дека „започнал војни низ целиот свет“.
Инаку, како што објави Си-би-ес, Министерството за финансии на САД вовело санкции врз бродот „Скипер“ во 2022 година поради наводна вмешаност во шверц на нафта, што генерирал приходи за Хезболах и Корпусот на Исламската револуционерна гарда на Иран.
Изминатиов период Соединетите Американски Држави го засилија своето воено присуство во Карипското Море, кое се граничи со Венецуела на север, што, меѓу другото, резултираше со заплена на спорниот брод.
Во акцијата учествуваа голем број војници и американскиот носач на авиони „УСС Џералд Форд“, најголемиот носач на авиони во светот, кој е позициониран во Карипското Море на оддалеченост од која може да изврши напад врз Венецуела.
