„Време е Иран да постигне договор пред да биде предоцна и да не остане ништо од она што сè уште може да стане голема држава“, напиша Трамп на неговата социјална платформа Трут соушл, информирајќи за уништувањето на мостот
Откако синоќа во вонредно обраќање објави дека во следните две до три недели Иран ќе биде погоден „екстремно силно“, американскиот претседател вечерва објави дека САД го срушиле најголемиот мост во Иран, кој воедно е и најголем ваков објект на Блискиот Исток.

За уривањето на мостот Трамп се пофали на својата социјална платформа Трут соушл (Truth social), каде објави и снимка како дел од мостот се урива обвиткан во темен густ чад.
„Најголемиот мост во Иран се урива, никогаш повеќе нема да се користи – Следуваат уште многу работи! Време е Иран да постигне договор пред да биде предоцна и да не остане ништо од она што сè уште може да стане голема држава“,
напиша Трамп.
Станува збор за мостот Б1 што ги поврзува Техеран и регионот Караџ во Иран, кој бил при крај на изградбата.
Во нападот, според иранските медиуми загинале најмалку осум лица, а 95 биле повредени.
Америкнаски воен функционер за „Њујорк тајмс“ изјавил дека силите на САД го погодиле мостот и со тоа ја елимирале воената рута што била планирана за снабдување и одржување на иранските балистички ракети и беспилотни летала.
Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, изјави дека нападот нема да го принуди Техеран да се предаде.
„Тоа само го одразува моралниот колапс на непријателот во хаос. Секој мост и зграда ќе бидат изградени посилни. Она што никогаш нема се опорави е штетата врз угледот на Америка“,
рекол тој, пренесе британски „Гардијан“.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа во вонредно обраќање до нацијата рече дека Иран е уништен, дека тешкиот дел од војната е завршен и дека САД ќе го погодат Иран „многу силно“ во следните две до три недели, што ќе ја вратат земјата во „камено време“.
Тој наведе дека промената на режимот во Техеран не е цел на неговата администрација, додавајќи оти се надева дека иранските власти ќе се согласат на договор.
„Ако нема договор, ќе ги удриме многу силно сите нивни електрани. Ние ги имаме сите карти, а тие немаат никакви“,
рече Трамп во обраќањето.
