Тој во објавата додава дека по негова наредба американската војска испратила десетици авиони за да го извлечат, наведувајќи дека за време на операцијата не бил убиен ниту еден Американец. Членот на екипажот, според американскиот претседател, се наоѓал зад непријателските линии во планините на Иран и по него трагале иранските сили, кои му се приближувале се повеќе и повеќе. Додава дека членот на екипажот бил повреден, но ќе биде сосема добро
Војската на Соединетите Американски Држави успеа да го извлече и да го спаси вториот член на екипажот на борбениот авион „Ф-15Е“ кој се најде „заробен“ зад непријателските линии, откако иранските сили го пред два дена го соборија авионот над територијата на земјата.

Информацијата за спасувањето на членот на екипажот ја потврди претседателот на САД, Доналд Трамп, кој на својата социјална платформа Трут соушл (Truth Social) објави детали за спасувачката мисија.
Идентификувајќи го членот на екипажот како полковник, Трамп напиша дека американските сили ја следеле неговата локација 24 часа на ден и го планирале неговото спасување.
„Го спасивме. Мои сограѓани Американци, во текот на изминатите неколку часа, војската на Соединетите Американски Држави изведе една од најсмелите операции за пребарување и спасување во историјата на САД на еден од нашите неверојатни офицери од екипажот, кој е и високо почитуван полковник, и за кого со задоволлство ве известувам дека сега е безбеден и здрав“,
наведе американскиот претседател.
Тој во објавата додава дека по негова наредба американската војска испратила десетици авиони за да го извлечат, наведувајќи дека за време на операцијата не бил убиен ниту еден Американец. Членот на екипажот, според американскиот претседател се наоѓал зад непријателските линии во планините на Иран и по него трагале иранските сили, кои му се приближувале се повеќе и повеќе. Додава дека членот на екипажот бил повреден, но ќе биде сосема добро.
„Но, тој никогаш не беше навистина сам бидејќи неговиот врховен командант, секретарот за војна, претседателот на Здружениот генералштаб и колегите војници ја следеа неговата локација 24 часа на ден и вредно го планираа неговото спасување. По моја насока, Војската испрати десетици авиони, вооружени со најсмртоносното оружје во светот, за да го извлечат. Тој претрпе повреди, но ќе биде сосема добро. Оваа чудесна операција за пребарување и спасување доаѓа како додаток на успешното спасување на уште еден храбар пилот, вчера, што не го потврдивме, бидејќи не сакавме да ја загрозиме нашата втора операција за спасување. Ова е прв пат во воената меморија двајца американски пилоти да бидат спасени, одделно, длабоко на непријателска територија. Никогаш нема да оставиме американски борец на цедило“,
вели американскиот претседател.

Според него, фактот дека успеале да ги извршат двете операции, без ниту еден убиен или ранет Американец, уште еднаш потврдува дека САД постигнале „огромна воздушна доминација и супериорност над иранското небо.
„Ова е момент на кој сите Американци, републиканци, демократи и сите други, треба да бидат горди и обединети околу него. Навистина ја имаме најдобрата, најпрофесионалната и најсмртоносната војска во историјата на светот“,
додава Трамп.
Неговата објава на социјалните мрежи ја сподели и портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
Американскиот борбен авион „Ф-15Е“ беше соборен над небото на Иран во петокот. Кратко, откако Иран ја соопшти информацијата, првиот член на екипажот беше пронајден, а потоа САД започнаа обемна потрага по вториот преостанат член.
Иран вчера соопшти дека соборил и втор американски воен авион над Заливот, а американските медиуми известуваат дека авион „А-10 вортхог“ бил гранатиран за време на мисија за пребарување и спасување на првиот соборен авион.
Пилотот на „вортхогот“, според информациите се катапултирал над Заливот и е спасен.
