Веста доаѓа во период кога Вашингтон и Иран се обидуваат да ги намалат тензиите и да ги оживеат пошироките разговори за иранската нуклеарна програма. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера изјави дека ќе ги поздрави сите ирански чекори за деескалација на „растечката нуклеарна закана“
Соединетите Американски Држави (САД) бараат од Иран да прекине со продажбата и испораката на воени беспилотни летала на Русија, како дел од разговорите меѓу Вашингтон и Техеран за намалување на тензиите, пишува денеска британски „Фајненшл тајмс“, повикувајќи добро информирани извори.
„САД вршат притисок врз Иран да престане да продава борбени беспилотни летала на Русија, кои Москва ги користи во војната во Украина, како и резервни делови за беспилотните летала“,
пишува весникот, цитирајќи ирански официјален претставник и друго лице запознаено со разговорите, пренесува Ројтерс.
Како што наведува новинската агенција, Белата куќа и иранското Министерство за надворешни работи сè уште не одговориле на барањата за коментар за наводите изнесени во весникот.
Инаку, веста доаѓа во период кога Вашингтон и Иран се обидуваат да ги намалат тензиите и да ги оживеат пошироките разговори за иранската нуклеарна програма. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера изјави дека ќе ги поздрави сите ирански чекори за деескалација на „растечката нуклеарна закана“.
Овие дискусии се одвиваат паралелно со преговорите за договор за размена на затвореници меѓу САД и Иран, пишува „Фајненшл тајмс“.
Имено, Иран дозволи четворица американски државјани да бидат префрлени од затворот Евин во Техеран во домашен притвор, додека уште еден државјанин на САД веќе се наоѓа во домашен притвор.
Минатата недела, извори за Ројтерс изјавија дека Иран може да ослободи пет приведени американски државјани како дел од договорот за одмрзнување на шест милијарди долари од иранските фондови во Јужна Кореја.