Северна Македонија, пак, беше 19. држава-членка што во својот парламент го поддршка пристапувањето на Финска и Шведска во Алијансата
Американскиот Сенат вчера го одобри влезот на Финска и Шведска во НАТО, со што станаа 23. држава што ги ратификуваше протоколите за пристапувањето на двете земји во Алијансата.
Потребното двотретинско мнозинство во Сенатот од 67 гласа беше значително надминато со оглед на тоа што имаше 95 гласа „за“ и само еден против. Поддршка дадоа сенаторите и од демократската и од републиканската партија опишувајќи ги двете држави како важни сојузници чии модерни војски веќе тесно соработуваа со НАТО.
„Квалификациите на овие две просперитетни, демократски нации се извонредни и ќе служат за зајакнување на НАТО алијансата“,
рече демократскиот сенатор Боб Менендез кој е претседател на Комитетот за надворешни работи.
Седумте од вкупно 30-те членки кои сè уште не ги ратификувале протоколите се: Чешка, Грција, Унгарија, Португалија, Словачка, Шпанија и Турција.
Северна Македонија, пак, беше 19. држава што во својот парламент го поддршка пристапувањето на Финска и Шведска во Алијансата. Нашето Собрание ги ратификуваше протоколите на 27 јули со 105 гласа „за“ и само два „против“.
Шведска и Финска ја променија неутралната безбедносна политика и аплицираа за членство во НАТО како одговор на руската инвазија на Украина, додека Русија од своја страна постојано ги предупредуваше да не се приклучат кон Алијансата.
Photo: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ