Во предупредувањето им се советува на американските граѓани во Иран да очекуваат понатамошни прекини на интернет, да планираат алтернативни средства за комуникација и, „доколку е безбедно, да размислат да го напуштат Иран по копно за Ерменија или Турција“

Амбасадата на САД во Иран ги предупреди американските граѓани веднаш да ја напуштат земјата бидејќи немирите продолжуваат да ескалираат низ целата земја.
Во соопштението од Амбасадата се вели дека протестите низ Иран ескалираат и може да станат насилни, што ќе резултира со апсења и повреди. Оттаму предупредуваат дека во земјата има зголемени безбедносни мерки, затворање на патишта, прекини во јавниот превоз и блокирања на интернет. Додаваат и дека Владата на Иран го има ограничено пристапот до мобилни, фиксни и национални интернет мрежи, а авиокомпаниите продолжуваат да ги ограничуваат или откажуваат летовите до и од Иран.
„Напуштете го Иран веднаш“,
се вели во безбедносното предупредување на амбасадата, повикувајќи ги своите граѓани да планираат да го напуштат Иран без помош од владата на САД.
Во соопштението се додава дека доколку не можат да заминат, треба да најдат безбедно место во домот или друга безбедна зграда и да имаат залихи од храна, вода, лекови и други основни производи.
Во предупредувањето, на американските граѓани во Иран им се советува да очекуваат понатамошни прекини на интернетот, да планираат алтернативни средства за комуникација и, „доколку е безбедно, да размислат да го напуштат Иран по копно за Ерменија или Турција“.
Во соопштението се додава дека двојните државјани на САД и Иран мора да го напуштат Иран со ирански пасоши, додавајќи дека иранската влада не признава двојно државјанство и ќе ги третира како ирански државјани.
„Покажувањето американски пасош или демонстрирањето врски со Соединетите Американски Држави може да биде доволна причина иранските власти да приведат некого“,
се вели во соопштението.
Претходно американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека армијата на САД разгледува силни воени опции за интервенција во Иран, доколку продолжи убивањето демонстранти. Тој изјави дека добил покана од иранските лидери за преговори, но додаде дека САД можеби ќе мора да дејствуваат пред евентуален таков состанок.
Според изјавите на двајца функционери на Пентагон, Трамп бил информиран за широк спектар прикриени и воени средства што би биле употребени при евентуална интервенција врз Иран, како одговор на употребата на сила од властите во Техеран против протестите што еруптираа во земјата.
